Нов бран измами за „спасување“ од измамата Conti

Откако граѓаните на социјалните мрежи изминатите денови се пожалија дека платформата Conti, преку која се обидуваа да дојдат до дополнителна заработка не ги исплаќа нивните средства, на интернет се појавија неколку платформи кои ветуваат одблокирање и враќање на нивните средства.
Фото: Freepik

Помеѓу корисниците на платформа Conti, е споделено соопштение дека „поради проблеми со даночната усогласеност на платформата Conti, средствата од корисниците кои имале неодамнешни неуспешни повлекувања се вратени на нивните сметки“. Меѓутоа, за да може да ги повлечат средствата, сега од Conti бараат уплата на дополнителен депозит, кој ќе биде вратен.

„Корисниците кои нема да го почитуваат рокот за уплата ќе имаат замрзнати и трајно деактивирани сметки, а средствата нема да може да се повлечат“ стои во соопштението на Conti.

На овој начин, од платформата се обидуваат да изнудат уште пари од веќе излажаните граѓани, помеѓу кои, според сведоштвата, има и такви кои останале покуси и за суми кои надминуваат над 10 илјади евра. Тука намерата дека е обид за измама станува јасна веднаш, бидејќи Conti не е даночно усогласен со законите во земјава, бидејќи сите плаќања, кон и од платформата се одвивале во крипто валути, преку платформата Binance, а не преку трансакциска сметка.

Но освен овој обид за дополнителна измама, на социјалните мрежи се појавија низа реклами кои ветуваат дека можат да им ги вратат парите на граѓаните. Некои бараат депозит за менување на словенски сервер на Conti, каде исплатите се вршеле без проблем. Една ваква платформа, бара депозит од 100 долари, за да го претвори вашиот македонски Conti профил во словенечки, со цел да може да ги извадите парите. Меѓутоа, ваквата веб страница за наводниот словенечки сервер на Conti е регистрирана вчера, откако веќе стана јасно дека платформата Conti е пирамидална измама.

Други ветуваат борба за вашите средства, не само одземени преку Conti, туку воопшто од интернет измами. Меѓутоа и ваквите сомнителни платформи, бараат одредена сума на пари да биде уплатена, со цел тие да се борат за вас.

Иако веќе стана јасно дека платформата Conti е пирамидална измама, се уште се активни и македонските граѓани се уште се обидуваат да заработат преку останатите платформи како DGPT, Eternal, Aurora Films и други платформи, кои функционираат на истиот принцип. На сите овие платформи граѓаните треба да купат пакет со цел да гледаат видеа, па така да ги враќаат своите средства.

Не се исклучува и можноста деновиве да се појават и нови вакви платформи, обидувајќи се да ги излажат веќе излажаните граѓани од Conti, претставувајќи се како нови платформи, кои се на почеток и кои ќе функционираат исто толку време колку што функционирало Conti.

Сите функционираат на ист или многу сличен начин – со купување на пакет со криптовалути, кои граѓаните ги уплаќаат преку крипто-менувачници и Binance, а потоа врз основа на тоа колкав пакет купиле, тие заработуваат на платформата „работејќи“ задачи кои во реалноста не генерираат никаков приход.

Актуелните платформи функционираа неколку месеци, исплаќајќи вистински пари на дел од граѓаните, поради што тие беа мотивирани да купуваат се поголеми пакети, во надеж за уште поголема заработка, но во еден момент, како што тоа се случи со Conti, оваа недела, тие едноставно прекинуваат да исплаќаат и ги оставаат граѓаните со празни сметки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни