Нов бран апсења на опозицијата во Турција

Меѓу уапсените се и градоначалници и блиски соработници на опозициската партија ЦХП

Турската полиција денес уапси 44 членови на опозицијата во Истанбул, меѓу кои и градоначалникот на централната општина Бејоглу, како и неколку негови блиски советници, објави државната новинска агенција Анадолу.

Ова е најновиот бран апсења под обвиненија за „корупција“, насочен против Републиканската народна партија (ЦХП) – главната опозициска и социјалдемократска партија во Турција.

Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој се смета за најсериозниот политички ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган, беше уапсен уште во март годинава и сè уште се наоѓа во притвор.

Неговото апсење предизвика најмасовни протести во Турција во последните 12 години, според домашните и меѓународните медиуми.

Претседателот на ЦХП, Озгур Озел, денеска на социјалната мрежа X (поранешен Твитер) објави дека веќе 149 дена судските органи не изготвиле официјално обвинение за Имамоглу.

„Зошто? Затоа што имаат само клевети од типот ‘слушнав дека некој зборувал’“, напиша тој. Според него, операцијата на апсења е политички мотивирана и претставува одмазда, со цел да се прикрие корупцијата и кризата која владее во земјата под водство на владејачката АК Партија на претседателот Ердоган, кој е на власт од 2002 година.

Освен градоначалникот на Бејоглу, Инан Ѓунеј, уапсени се и уште 26 градоначалници од редовите на ЦХП во разни окрузи низ Истанбул. Повеќето од нив се обвинети за корупција – обвиненија кои тие категорично ги негираат.

Апсењата не се ограничени само на Истанбул – градоначалници од ЦХП и во други турски градови исто така се уапсени во последниве месеци.

Политички аналитичари сметаат дека ваквите потези се дел од стратегија на власта за поткопување на ЦХП, особено откако таа партија забележа историски успех на локалните избори во пролетта 2024 година, кога освои голем број градоначалнички позиции на сметка на партијата на Ердоган.

Турција се соочува со растечки критики од меѓународната заедница заради влошената состојба со владеењето на правото, притисоците врз медиумите и слободата на говор. Последниот бран апсења се гледа како нов показател за авторитарен зафат врз демократијата и локалната самоуправа во земјата.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни