По повеќе од 40 години, носорозите повторно се населуваат во Националниот парк Кидепо во Уганда, откако ловокрадците ги истребиле поради нивните рогови и месо. Првите два јужни бели носорози веќе се префрлени во паркот, а тие се дел од вкупно осум животни што треба повторно да го населат ова заштитено подрачје, каде последниот носорог бил убиен во 1983 година.
Нивното исчезнување тогаш значело целосно истребување на носорозите од дивината во Уганда. Денешното повторно враќање се спроведува под надзор на државната Управа за диви животни, која овој потег го опишува како почеток на ново поглавје за паркот и обид да се обнови вид што некогаш бил дел од неговото природно наследство.
Двата носорога се префрлени од приватниот ранч Зива во Накасонгола, кој од 2005 година одгледува носорози откако таму биле донесени првите четири јужни бели носорози од Кенија. Паркот Кидепо се наоѓа во североисточна Уганда и претставува широко пространство на савана, но и подрачје што останува чувствително поради честите прекугранични упади и ризиците поврзани со ловокрадството.
Ловокрадството и натаму останува еден од најсериозните проблеми за заштитените подрачја во Уганда. И покрај меѓународните напори за спречување на илегалната трговија со диви животни, побарувачката за рогови од носорог не опаѓа, особено поради нивната употреба во традиционалната медицина и како статусен симбол во делови од Азија.
Враќањето на носорозите во Кидепо затоа не е само добра вест за еден национален парк, туку и потсетник колку е кревка границата меѓу исчезнувањето и обновата. Кога еден вид еднаш ќе биде оттурнат од своето природно живеалиште, неговото враќање не е прашање само на транспорт и организација, туку на долгорочна заштита, безбедност и политичка волја.