Дали сте навикнати да не ги соблекувате чевлите веднаш штом ќе влезете дома? Истражувачите предупредуваат дека оваа навика може да има сериозни последици по здравјето, бидејќи обувките што се носат надвор внесуваат голема количина бактерии во затворениот простор.
Експертите посочуваат дека носењето чевли низ домот го зголемува ризикот од инфекции, особено кај најмладите и највозрасните членови на семејството, кои се почувствителни на бактерии и вируси. Според нив, соблекувањето на обувките или нивното оставање веднаш на влезот е една од наједноставните и најевтините мерки за заштита на здравјето, особено во зимските месеци кога повеќе време се поминува во затворен простор.
Дополнително, се препорачува обувките што се носат надвор да не се внесуваат подлабоко во домот, туку да се заменат со папучи кои се користат исклучиво внатре. Како побезбедна опција се наведуваат и одењето боси или само со чорапи, со што се намалува преносот на бактерии низ домот.
Научните податоци ја потврдуваат оваа загриженост. Истражување спроведено на Универзитетот во Аризона покажало дека дури 96 проценти од ѓоновите на чевлите содржат колифорни бактерии, а околу 27 проценти биле контаминирани со E. coli, бактерија поврзана со гастроинтестинални и уринарни инфекции. Друга студија утврдила дека на надворешната површина на една чевла може да се задржат во просек повеќе од 400.000 бактериски единици.
Дополнителен ризик претставува и присуството на бактеријата Clostridioides difficile. Истражување од 2016 година покажало дека до 40 проценти од ѓоновите на чевлите, надвор од здравствени установи, биле контаминирани со оваа бактерија.
Покрај соблекувањето на чевлите, експертите советуваат редовно усисување и бришење на подовите, како и често перење на детските подлоги и ќебиња, со цел да се намали присуството на бактерии кои веќе се внесени во домот.
