Норвешката престолонаследничка Мете-Марит повторно јавно се извини поради пријателството со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, признавајќи дека со своите постапки ја довела кралската фамилија во непријатна и чувствителна ситуација.
„Жалам поради ситуацијата во која ја доведов кралската фамилија, особено кралот и кралицата“, соопшти Мете-Марит во изјава објавена од кралската палата.
Извинувањето следува откако американското Министерство за правда објави нови документи поврзани со Епстин, во кои се споменува и електронска преписка меѓу него и норвешката принцеза, и тоа по неговата осуда во 2008 година за сексуални злосторства.
Скандалот доаѓа во чувствителен период за норвешката кралска фамилија, која веќе се соочува со сериозни внатрешни проблеми, вклучително и судски процес против синот на Мете-Марит од претходна врска.
Во меѓувреме, норвешкиот премиер побара од сите јавни личности спомнати во документите да дадат појаснување за нивните контакти со Епстин, нагласувајќи ја потребата од транспарентност.
