Норвешките власти испратија илјадници предупредувања за реквизиција

Норвешките власти предупредуваат дека во случај на војна со Русија, армијата може да побара користење на приватни домови, возила и друга имотна сопственост.

Норвешките власти испратиле илјадници писма до граѓани во кои ги известуваат дека, во случај на војна со Русија, вооружените сили би можеле да побараат и привремено да запленат приватен имот, вклучително и домови и возила, пренесува The Telegraph.

Политиката на т.н. реквизиција опфаќа возила, пловни објекти, машини и недвижности. Во понеделникот биле издадени околу 13.500 „подготвителни реквизиции“ со важност од една година. Од Норвешките вооружени сили наведуваат дека целта е да се обезбеди армијата, во воени услови, да има пристап до ресурсите неопходни за одбраната на земјата.

За поголемиот дел од примателите, писмата не претставувале изненадување, бидејќи во околу две третини од случаите станува збор за обновување на известувања за реквизиција издадени и во претходни години.

„Најсериозна безбедносна состојба од Втората светска војна“

Шефот на воената логистичка организација, Андерс Јернберг, изјави дека значењето на подготвеноста драматично се зголемило.

„Важноста на подготвеноста за кризи и војна значително порасна во последните години. Норвешка се наоѓа во најсериозната безбедносно-политичка ситуација од Втората светска војна“, изјави Јернберг, додавајќи дека државата спроведува обемно зајакнување на воената и цивилната подготвеност.

Норвешка има клучна улога во надзорот на арктичкиот регион во рамки на НАТО, каде што топењето на мразот отвора нови поморски рути и пристап до природни ресурси. Земјата дели и копнена и поморска граница со Русија.

Истовремено, Кина и Русија настојуваат да го зголемат своето присуство на Арктикот, при што Москва обновува поранешни советски воени бази и ги зголемува резервите на нуклеарно оружје на полуостровот Кола.

Дополнителни тензии околу Гренланд

Известувањата за реквизиција доаѓаат во период на засилени дипломатски тензии меѓу Соединетите Американски Држави и Европа, поврзани со плановите на американскиот претседател Доналд Трамп за можна анексија на Гренланд.

Трамп како главен аргумент ги наведе безбедносните прашања на Арктикот, најавувајќи дека не ја исклучува ниту воената опција – потег што би можел сериозно да го наруши западниот сојуз во време на зголемен ризик од конфликт со Русија.

Данска и Гренланд порачаа дека островот не е на продажба, со поддршка од Обединето Кралство и Европска Унија. Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека не верува оти САД планираат воено преземање на островот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни