Историски пад на поддршката за норвешката монархија: скандали, „Епштајн документите“ и судења ја тресат кралската куќа

Анкета во Норвешка покажува најниска поддршка за монархијата во историјата. Скандали, судења и контроверзии околу кралското семејство ја намалуваат довербата кај граѓаните.

Последната анкета на норвешката јавна радиотелевизија НРК покажува историски најниско ниво на поддршка за монархијата во Норвешка. Династијата Гликсбург, предводена од кралот Харалд V, ја поддржуваат околу 60 проценти од граѓаните, што е значителен пад во споредба со 70 проценти само еден месец претходно.

Серија скандали во последните две години сериозно ја нарушија довербата во монархијата, која постои од 1905 година по мирното раздвојување од Шведска. И покрај тоа, кралот Харалд и престолонаследникот Хокон сè уште имаат висок личен рејтинг кај јавноста.

На скала од 1 до 10, илјада испитаници му дале оценка 9,2 на кралот, а 7,9 на принцот Хокон. Сепак, неговата сопруга, принцезата Мете-Марит, добила само 3,7 – двојно помалку отколку пред една година, што покажува значително намалена поддршка.

Падот на довербата делумно се поврзува со нејзините поранешни контакти со Џефри Епштајн, американски осуденик за сексуални дела, со кого одржувала блиска комуникација од 2011 до 2014 година, дури и по неговата пресуда во 2008 година. Подоцна таа јавно се извини, признавајќи дека требало подобро да ја провери неговата позадина, но фактот дека контактите биле скривани со години предизвика дополнителни реакции во јавноста.

Дополнителен удар за угледот на кралското семејство е судењето против Мариус Борг Хојби, синот на Мете-Марит од претходна врска. Тој се соочува со десетици обвиненија, вклучително и за насилство, закани и други кривични дела. Судскиот процес започна во февруари 2026 година и редовно носи нови непријатни детали во јавноста.

Контроверзии предизвика и принцезата Марта Луиз, сестра на Хокон, која доби ниска оценка од 3,1. По разводот, таа се омажи за американецот Дурек Верет, кој се претставува како духовен исцелител. Нивните јавни настапи, продажбата на медалјони со спорни здравствени тврдења и комерцијалното користење на титулата предизвикаа критики. Дополнителни реакции имаше и по одлуката ексклузивните права за нејзината свадба да бидат продадени на странски медиуми и стриминг платформи.

И покрај падот на поддршката, многу аналитичари сметаат дека кризата нема веднаш да доведе до укинување на монархијата. Сепак, бројот на граѓани кои поддржуваат република пораснал на 27 проценти, додека во 2017 година монархијата имала поддршка од дури 81 процент.

Дополнителен предизвик е возраста на кралот Харалд и кралицата Соња, кои имаат 89 години, што ја отвора темата за наследството на престолот. Кралот неодамна беше хоспитализиран поради здравствени проблеми за време на престојот на Тенерифе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни