Судот во Норвешка осуди лекар на 21 година затвор поради силување и сексуално злоставување на десетици жени.
Поранешниот матичен лекар Арне Баје е прогласен за виновен по 70 точки за силување и сексуален напад, како и по 82 точки за злоупотреба на службената положба, пренесуваат норвешките медиуми и BBC.
Речиси сите кривични дела се случиле за време на лекарски прегледи што Баје ги спроведувал додека работел како лекар во малиот норвешки град Фроста, заедница со помалку од 3.000 жители.
Баје доби доживотна забрана за работа во медицината и му е наложено да плати отштета на жртвите.
Две децении злосторства
Судот ја разгледуваше обемната обвинителна постапка, која опфати 94 жени, со наводи што датираат од 2004 година до 2022 година.
Иако Баје призна вина за некои од делата, беше ослободен по некои точки од обвинението.
Судијата Еспен Хауг, кој ја изрече пресудата во судот во Трондхајм, изјави:
„Ова е исклучително сериозен случај. Постапките на обвинетиот се целосно неприфатливи. Тој го поткопа јавното доверие во здравствениот систем и во лекарите како професија.“
Читањето на пресудата траело повеќе од еден час.
Камера во ординацијата, стотици снимки
Здравствените власти првпат алармирале полиција во август 2022 година, а обвинението било подигнато една година подоцна.
Во истрагата е откриено дека Баје тајно поставил камера во неговата лекарска ординација. Полицијата потоа прегледала стотици часови снимки, што ги открило размерите на злоупотребата.
Се пријавиле десетици жени – на возраст од 14 до 67 години – од оваа рурална заедница.
Насилни „прегледи“ без медицинска основа
Пресудата опфати и сведоштва за сексуално недозволени допири, неовластени и неумесни прегледи на карлицата, како и користење на немедицинска опрема, вклучувајќи дезодоранс, без никаква оправдана причина.
Според норвешкиот закон, овие дејствија се класифицираат како силување, дури и кога не вклучуваат пенетрација.
Одбраната бараше пониска казна
Адвокатите на Баје бараа пониска казна (17–18 години затвор), аргументирајќи дека тој признал вина за силување на 21 жртва.
Сепак, судот ја одби нивната аргументација и изрече максимално строга казна за сериозноста на делата.
Овој случај предизвика длабоко згрозување во Норвешка, не само поради бројот на жртвите, туку и поради злоупотребата на довербата што пациентите ја имаат во своите лекари.