Норвешка со јасно „НЕ“ за трамповиот „Комитет за мир“: Страв од поткопување на ОН

Од Белата куќа на платформата X соопштија дека иницијативата „нуди трајно членство за партнерските земји кои покажуваат длабока посветеност на мирот, безбедноста и просперитетот“.

Норвешка нема да се приклучи на предложениот „Комитет за мир“ на американскиот претседател Доналд Трамп, во формата во која моментално е презентирана иницијативата. Ова денеска го соопшти заменик-министерот за надворешни работи на Норвешка, Андреас Мотцфелд Кравик, пренесува Ројтерс.

Трамп претходно испрати писмо до лидерите на десетици земји, поканувајќи ги да станат дел од новиот Комитет за мир, тело со кое, според предлогот, тој би претседавал доживотно. Земјите-членки би имале мандат од три години, освен ако не уплатат една милијарда долари, со што би добиле трајно членство.

Од Белата куќа на платформата X соопштија дека иницијативата „нуди трајно членство за партнерските земји кои покажуваат длабока посветеност на мирот, безбедноста и просперитетот“.

Сепак, реакциите од меѓународната заедница се поделени. Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека Италија е „подготвена да го направи својот дел“, додека канадскиот премиер Марк Карни наведе дека Канада се согласила „во принцип“, но дека се потребни дополнителни информации и појаснувања.

Од друга страна, францускиот претседател Емануел Макрон не планира да ја прифати поканата, јави Блумберг, повикувајќи се на извор близок до француското претседателство.

И Израел јавно ја критикуваше американската администрација, откако кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху го отфрли предложениот состав на Извршниот комитет за Газа, оценувајќи дека тој не е усогласен со израелските позиции.

Дополнителна загриженост кај дел од европските влади предизвика и вклучувањето на таканаречена „повелба“ во писмото со поканата. Според дипломатски извори, постои страв дека новата иницијатива би можела да ја поткопа улогата на Обединетите нации, институција која Трамп во минатото јавно ја обвинуваше дека не ги поддржува неговите напори за запирање на глобалните конфликти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни