Nomen est Omen на „Колектив Зеро“ во „Мала станица“

Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде изложен проектот Nomen est Omen – инсталација во простор на уметничката група „Колектив Зеро“. Проектот е рефлексија и визуелна реакција на претходно опишаното и актуелните случувања во Македонија и пошироко. Членови на групата се: Ацо Станкоски, Синиша Цветковски, Ибрахим Беди, Зоран Јаневски, Горанчо Ѓорѓиевски, Миодраг Десовски, Стеван Шашков, Сашо Јовчевски и Златко Трајковски (1960-2017).

Од протозеро друштвото на почетокот на 80-тите произлезе „Колектив Зеро“ (нула, ништо, безначајност), кое е формирано во 1985 година во ориенталниот амбиент и институциите на Старата скопска чаршија.

– Колективот Ø – Зеро, во 80-тите години на 20 век претставуваше парадигма за вонинстиуционално генерациско дејствување на македонската ликовна сцена. Нивниот иронично-критички уметнички став го означи методолошкиот и интерпретативен пресврт со раскинувањето на стереотипите на „големите модернистички наративи“. Преку интертекстуалноста, интермедијалноста, пародијата или субверзијата на историскo-идеолошките дискурси со различните стилски пристапи, групата стана препознатлив знак за македонската постмодерна – велат од Националната галерија.

Колективот Ø има хетероген состав и отворен карактер, но дејствува без програма. Со првата изложба беше најавена нивната ориентираност кон мултимедиумски истражувања и излегување од етаблираните норми во уметноста и сфаќањата, не без едно тегобно романтичарско чувство. Колективот Ø во своето дејствување оствари специфичен спој на западната и на источната уметност и духовна традиција (неоекспресионизмот, поп-артот, стрипот, графитите итн.).

– Заедничкото цртање и сликање даде свежи и впечатливи примери на надреалистички „автоматски ракопис“. Во сликите и муралите остварија сложена и послободна експресивна и декоративна структура. Хибридните ликови, форми и знаци се колажно или монтажно поврзани на неочекуван и инвентивен начин. Колективот Ø го помина патот од непризнавање (од т.н. „музејска критика“) до признавање од поширок круг публика и познавачи. За нив различноста значеше припадност кон една друга Европа – Une autre Europe, сознание добиено по 1990-те години – велат организаторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни