Ноќва се менува времето и часовниците се поместуваат еден час напред. Преминот на летно сметање значи дека ќе спиеме еден час помалку.
Преминот на летно сметање на времето ќе се случи ноќта помеѓу сабота и недела, кога часовникот ќе се помести од два на три часот наутро.
Со оваа промена ќе спиеме еден час помалку, но деновите ќе станат подолги.
Враќањето на зимското сметање на времето ќе се случи на 25 октомври, последниот викенд во месецот.
Денес, повеќето дигитални уреди како телефони и компјутери автоматски го прилагодуваат времето, па корисниците ретко мораат рачно да ги поместуваат часовниците.
Сепак, оваа практика останува предмет на дебата во многу земји. Дел од државите веќе го укинаа менувањето на времето, а истражувањата сè почесто укажуваат на негативни последици врз здравјето.
Една студија покажала дека преминот на летно сметање може да влијае врз зголемување на сообраќајните несреќи и да предизвика дополнителни економски загуби.
Идејата за летно сметање на времето има долга историја. Уште во 18 век, Бенџамин Франклин предложил подобро искористување на дневната светлина, додека во 1895 година новозеландскиот научник Џорџ Вернон Хадсон предложил поместување на часовниците.
Летното сметање првпат било воведено во Германија во 1916 година, а подоцна се проширило и во други земји.
Во Македонија, односно во поранешна Југославија, оваа практика е воведена во 1983 година.