Многу работи трајно се променија во Скопје по пандемијата, меѓу кои и начинот на кој се одвива ноќниот живот тука и шансите за дејтинг. Често го зборуваме и размислуваме ова со другари и другарки околу мене, барајќи место за излегување после 12. Сеќавајќи се дека сега впрочем не се ни чувствуваме безбедно на затворени простори после Кочани дополнително. Мислејќи на тоа зошто после 12 има толку малку места каде да се оди и како целата атмосфера за забава и опуштање во Скопје особено се смени.
Овој муабет за ноќниот живот кој полека но сигурно згаснува во градот секако го смени и концептот на дејтинг. Веќе не е толку типично и нормално запознавањето нови луѓе на местата каде се излегува, апликациите доминираат. Искуството на приоѓање на симпатиите во живо, среќавање во некој омилен бар и малку трескање од земја ако тој или таа помине покрај тебе како да стануваат некое далечно минато. Ако не се најдете на „Тиндер“, тешко дека ќе си пријдете додека си ја чекате пијачката во бар, ова е дел од животот на новите генерации овде и баш ни е тапа. Не сум сигурна во кој момент ова се смени, ама знам дека уште повеќе ќе недостасува среќавањето лице во лице и сè што значи собирањето храброст, комуникацијата и тремата. Додека не ни пукне филмот, можеби? Или ова е новата реалност?

Мислам на сè ова додека си ја пијам пијачката во омилениот бар каде, за среќа можам да видам и нови луѓе, и покрај тоа што е едно од ретките супер места за мене, што значи дека често се гледаме истите лица. Ни самата не сум нешто подобра, ми ја нема храброста си викам за приоѓање, а истовремено ми е смачено од екран и фотографии од другата страна. Сепак, колку повеќе си надвор и си изложен на запознавање нови луѓе, толку повеќе си даваш простор тоа да се менува. Но каде?
Во Скопје останаа многу малку места особено за алтернативната сцена и простор каде што можеш да седнеш и олабавиш, да слушаш добра музика и да си поминеш фино. Секоја година бројот на вакви места е сè помал. Останавме со два или три локали и тоа е тоа. Не знам каде би одела да ги нема нив. Ми фалат мене, ни фалат на сите. Ова толку многу влијае и на меѓугенерациската комуникација, и на симпатиите кои треба да ги имам(е), и на воопшто стекнување чувство дека сепак барем за викенд овде ни е океј.
Ноќниот живот барем за голем дел од нас е поврзан со местата каде може да се создава и шири независна култура. Го чекаме секој фестивал, секој концерт, секое мало збиднување за да се собереме, да си речеме дека нешто се случува и да излеземе. Но, тоа не е нешто кое на неделно ниво се случува во градот, потрагата по кул места и случувања е ловење исклучоци веќе. Во исто време, тој чуден бран се одразува директно и на комуникацијата меѓу луѓето. Поголемата затвореност и изолираност води до помалку комуникација, многу помалку real life флертувања, допаѓања и симпатизирање, и секако запознавање. Колку повеќе не се гледаме, толку повеќе стануваме оддалечени едни од други и тоа секако се одразува на фактот дека дејтинг сцената во Скопје е дотолку променета што изгледа како непостоечка, ако ги игнорираме апликациите и нивниот пристап од кој на крајот на денот многумина не се задоволни.
Круговите се мали, а исто така и шансите за ново во таа смисла. На најсилно се вклучени околу нас традиционалните родови улоги и очекувања кој и како требал да се однесува кога се зборува за дејтинг. Тука е и притисокот околу целиот концепт за поврзување, традиционалното општество, експлицитните пораки за тоа какви треба да се партнерите. Стравовите од поврзување исто така и големите очекувања, наспроти фактот дека луѓето едноставно веќе не си приоѓаат едни на други (секако, со почитување на просторот на другиот – и тоа многу се чувствува). Перцепцијата за тој спроти нив останува да лебди во главата, додека не пропадне.
Несигурна во тоа како понатаму ќе се менуваат овие две работи кои ми се многу поврзани, го отворам телефонот, ја гледам апликацијата која светка пред мене и ја затворам. Се фрустрирам пак. Додека можам да бидам тука и сега, во малата стварност каде се случува животот дури и на толку малку простор во градот, би сакала таму да постои и љубовта, поврзувањето и радоста преку забавата која толку многу ни треба. Можеме ли одново да го создадеме тоа? Или навистина тоа е новата реалност, која одбивам да ја прифатам, се инаетам?