Секоја година во Ноември месец се одбележува Интенационалниот месец на повозрасните кучиња, период во кој „Лајка“се фокусира на единствените потреби и заслужената љубов на овие посебни четириножни пријатели. Повозрасните кучиња честопати носат со себе приказни полни мудрост, посветеност и непроценлива љубов, но често и предизвиците кои доаѓаат со годините.
„Овој месец е можност да ги прославиме и да ја подигнеме свеста за важноста од вдомување и грижа за постарите кучиња“, велат од Лајка.
Зошто е важно да вдомите постаро куче?
Многу луѓе се одлучуваат да вдомат мало кутре поради неговата разиграност и енергија, но повозрасните кучиња нудат нешто сосем поинакво. Тоа е најдоброто решение за луѓе кои немаат време и можност да одгледуваат мали кутриња. Повозрасните кучиња веќе знаат одредени „правила на однесување“, т.е. се посталожени од разиграните мали кученца, кои бараат многу време, внимание и енергија. Со усвојување на постаро куче не само што му давате дом на некој на кој навистина му е потребен, туку и отворате врата на едно прекрасно пријателство кое може да трае со години.
Тие сѐ уште имаат многу љубов и верност за давање.
Постои идеално возрасно куче за секого, куче кое веднаш би се вклопило во различни ситуации – без разлика дали се работи за семејство со деца или самец кој работи, пензиониран пар или студент. Без разлика на контекстот, сè што сака едно повозрасно куче е да биде видено, сакано, издвоено и препознаено токму тоа како лојален придружник и другар, дел од семејството.
Возрасните животни се лесни за адаптирање, нема да поминете низ долги фази на адаптација за стекнување навики, ниту ќе останете без омилените обувки, зошто му растат заби на вашето кутре. Знаат што значи не, знаат да одат на поводник; можете веднаш да креирате заеднички авантури, да патувате со автомобил, да планирате одмор.
„Прекрасни се и инспиративни приказните на вдомени постари кучиња. Бидете и вие пример со некоја таква приказна, со некој од прекрасните сениори од Лајка. Дојдете и посетете не, бројни се шармантните сениори во нашиот стационар, а некој од нив чека токму на вас“ порачуваат од Лајка.