Овој месец Природноматематичкиот факултет ќе биде центар за популаризација на науката меѓу основците и средношколците.
На 23 ноември ќе организираме две работилници и едно предавање за учениците до 9 одделение: 3Д-геометрија во твои раце: создавај и истражувај! Алгоритамски херои: реши ја Рубиковата коцка во чекори! И Сличноста на триаголници во два докази на Питагоровата теорема.
На 30 ноември ќе имаме предавање за средношколците, а месецот ќе биде збогатен со научно-популарни предавања, натпревари, презентации, посета на лаборатории на ПМФ и други активности. Работилниците и предавањата ќе ги одржуваат студенти од ПМФ.
Организатори на Месецот на науката се Сојузот на математичари на Македонија и ПМФ, а коорганизатори се Македонското биолошко друштво (МБД), Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) и Македонското географско друштво (МГД).