Даниел Нобоа победи на претседателските избори во вториот круг со околу 56% од гласовите, објави Националната изборна комисија на Еквадор. Со оваа победа, тој ќе започне целосен четиригодишен мандат.
Нобоа (37), кој победата ја нарече „историска“, се наоѓа на власт од ноември 2023 година, откако победи на вонредните избори и распуштањето на парламентот, пренесе BBC.
Неговата противкандидатка, левичарката Луиса Гонзалес, изјави дека не го признава резултатот од изборите, тврдејќи дека се работи за измама. Според податоците на изборната комисија, таа добила околу 10% помалку гласови од Нобоа.
Во првиот круг, одржан во февруари, Нобоа имал мала предност – само 16.746 гласови повеќе од Гонзалес. Анкетите пред вториот круг покажуваа изедначена трка, што го прави конечниот резултат изненадување за некои аналитичари.
По победата, Нобоа се соочува со предизвици од клучно значење, особено во борбата против неконтролираните нарко-картели кои сè повеќе го дестабилизираат Еквадор. Земјата се наоѓа во вонредна состојба, со полициски час и воени трупи на улиците, како одговор на растечкото насилство од страна на криминалните групи.