Нобеловата награда за мир останува нераскинливо поврзана со личноста или организацијата што е прогласена за лауреат, без разлика на тоа што подоцна ќе се случи со медалот, дипломата или паричниот износ, соопшти Норвешкиот Нобелов комитет.
„Без оглед на тоа што може да се случи со медалот, дипломата или паричната награда, во историјата засекогаш е запишан оригиналниот лауреат како добитник на Нобеловата награда“, се наведува во соопштението.
Комитетот појасни дека статутот на Нобеловата фондација не предвидува никакви ограничувања во однос на располагањето со наградата. Тоа значи дека лауреатот има право медалот, дипломата или парите да ги задржи, подари, продаде или донира.
Реакцијата на Нобеловиот комитет доаѓа еден ден откако венецуелската опозициска лидерка и добитничка на Нобеловата награда за мир, Марија Корина Мачадо, ја предаде својата златна медала на американскиот претседател Доналд Трамп, кој јавно ѝ се заблагодари, пренесува Ројтерс.
Белата куќа објави фотографија на која Трамп ја држи рамката со Нобеловата медала, а официјален претставник потврди дека американскиот претседател има намера да ја задржи.
Покрај златната медала, Нобеловата награда за мир вклучува и диплома, како и паричен износ од 11 милиони шведски круни, односно околу 1,19 милиони долари.
