Седумдесет и седум добитници на Нобеловата награда вчера испратија отворено писмо во кое го изразуваат своето незадолство од назначувањето на Роберт Кенеди Џуниор за министер за здравство на САД во кабинетот на Доналд Трамп, особено поради неговиот „недостиг на искуство“ и ставовите против вакцините.
„Со оглед на неговите ставови, поставувањето на г-дин Кенеди на чело на Министерството за здравство би претставувало ризик за јавното здравје“, напишаа 77 добитници на Нобеловата награда за медицина, физика, хемија и економија во писмо до американските сенатори коишто мора да го потврдат назначувањето.
Меѓу потписниците е и Дру Вајсман, добитник на Нобеловата награда за медицина за 2023 година за неговата работа на развојот на познатата РНК вакцина, клучна во борбата против Ковид19.
Инаку, Роберт Кенеди Јуниор, внук на убиениот претседател Џон Ф. Кенеди, водеше кампања како претседателски кандидат во ноември пред да се откаже и да го поддржи Доналд Трамп. По победата на претседателските избори во САД, републиканецот го награди за поддршката со тоа што му додели министерски ресор, но тоа назначување мора да го потврди Сенатот.
„Поранешен адвокат за заштита на животната средина, без соодветна научна основа, шири теории на заговор за вакцините против Ковид19, како и за наводни врски помеѓу вакцините и аутизмот и бара да се стави крај на додавањето флуор во водата од чешма, иако тоа се смета за голем здравствен успех во борбата против расипувањето на забите. Покрај недостатокот на квалификации или релевантно искуство во медицината, науката, јавното здравство или владата, г-дин Кенеди е противник на многу вакцини кои помогнаа да се заштити здравјето и да се спасат животи, како оние против сипаници и детска парализа“, истакнуваат потписниците во отвореното писмо и додаваат „Силно ве охрабруваме да гласате против потврда за неговото именување за министер за здравство“.