„Иранскиот народ на крајот ќе го надмине авторитаризмот наметнат од владата која го загуби легитимитетот и јавната поддршка’’ порача добитничката на Нобеловата награда за мир Наргес Мохамади од затворот во говорот што го прочитаа нејзините деца на доделувањето на нобеловата награда за мир.
Норвешкиот Нобелов комитет во октомври ѝ ја додели наградата на Мохамади (51) за нејзината ненасилна борба „против угнетувањето на жените во Иран“ и промовирањето на човековите права за сите.
Нејзините 17-годишни близнаци Киана и Али Рахмани ја примија наградата, златен медал и диплома, на церемонија во градското собрание на Осло на која присуствуваа неколку стотици гости. Наградата вклучува чек од 11 милиони шведски круни (околу 1 милион долари).
Во нејзиниот говор, испратен од озлогласениот ирански затвор Евин, Мохамади рече дека континуираниот отпор и ненасилството се најдобрите стратегии за да се донесат промени.
„Иранскиот народ, со истрајност, ќе ја надмине репресијата и авторитаризмот. Не се сомневајте, тоа е сигурно“, вели таа во говорот.
Застапничката за правата на жените отслужува повеќекратни казни затвор по многубројните обвиненија, вклучително и ширење пропаганда против Исламската Република по нејзиното последно апсење во ноември 2021 година.
„Ја пишувам оваа порака зад високите, студени ѕидови на затворот“, рече Мохамади, додавајќи дека нејзиниот живот и животите на многу активисти во Иран биле постојана борба за живот.
Мохамади беше симболично претставена на сцената во Осло со нејзиниот портрет и празното столче, истакнувајќи дека таа е меѓу неколкуте добитници кои биле спречени да присуствуваат на церемонијата од основањето на оваа манифестација во 1901 година.
Наградата ѝ беше доделена нешто повеќе од една година по смртта на 22-годишната Махса Амини во притвор на ирански затвор, откако наводно ги прекршила правилата поврзани со хиџабот.
Извор: reuters.com