Тројца научници од американски универзитети се добитници на Нобеловата награда за физика за 2025 година за нивниот придонес во областа на квантната механика. Добитници се Џон Кларк, Мишел Х. Деворе и Џон М. Мартинис. Нивната работа значајно придонела за разбирањето и примената на квантните феномени, со што се поставија темели за развој на квантни компјутери и напредни технологии базирани на квантна физика.
Нобеловата награда е востановена од шведскиот пронаоѓач Алфред Нобел и се доделува од 1901 година. Добитниците добиваат парична награда во износ од 11 милиони шведски круни, што изнесува повеќе од 997.000 евра. До денес, вкупно 118 награди за физика се доделени, а меѓу 227 добитници само пет се жени, меѓу кои и Марие Кири во 1903 година.
Минатата година, Нобеловата награда за физика ја добија Џон Хопфилд и Џофри Хинтон за нивните откритија од 1980-тите години, кои овозможија развој на машинско учење и вештачка интелигенција преку невронски мрежи.
Ова е втора Нобелова награда објавена оваа недела, по доделувањето на наградата за медицина. Наградите за хемија, литература и мир ќе бидат соопштени во текот на неделата, додека наградата за економија ќе биде објавена на 13 октомври. Добитниците ќе ги примат наградите на свечена церемонија во Шведска во декември.