Националниот младински совет на Македонија изразува сериозна загриженост поради начинот на кој Министерството за социјална политика, демографија и млади го објави Јавниот повик за финансиска поддршка на здруженија и фондации, објавен на 4 август 2025 година, со рок за аплицирање до 6 август – односно помалку од три работни дена.
Оттаму велат дека објавувањето на ваков повик во летен период, кога голем дел од организациите работат со намален капацитет, без претходна најава, без транспарентен процес и без консултација со засегнатите страни, претставува директно нарушување на принципите на еднаков пристап, фер конкуренција и одговорно трошење на јавни средства.
„Краткиот рок и отсуството на промоција создаваат реална бариера за мнозинството младински организации и го фаворизираат ограничен круг однапред информирани субјекти. Тоа не само што ја поткопува довербата, туку и ја нарушува легитимноста на самиот процес. Повикот е објавен врз основа на Програмата за финансиска поддршка на проекти од областа на младите, наменета за младински организации, организации за млади и младински чадор организации, која Владата на Република Северна Македонија ја усвои и ја промовираше во мај 2025 година. Особено загрижува фактот што и покрај тоа што програмата е донесена пред повеќе од три месеци, Министерството го објавува повикот сега – непосредно пред одржувањето на локалните избори. Ова дополнително отвора сомнежи за транспарентноста на процесот, што потенцијално може да резултира со политички мотивирана распределба на средства, а не со одржливо инвестирање во младите.
Содржината на повикот е тесно поврзана и со приоритетните области од Националната стратегија за млади – документ кој во моментот е во процес на евалуација. Но, рокот од само три дена не остава простор за квалитетна подготовка на проектни предлози што би имале реален и одржлив придонес кон остварувањето на стратешките цели. Наместо да поттикне координирано и стратешко дејствување, ваквиот пристап го обезвреднува значењето на стратегијата и остава впечаток на импровизација без визија, план или транспарентност. Во контекст на претстојните локални избори, ваквото носење одлуки, без јасно образложение и со кратки рокови, отвора сериозен ризик од политичка злоупотреба на младинските организации и ја доведува во прашање независноста и кредибилитетот на механизмите за распределба на јавни средства“ се наведува во соопштението.
Според соопштението, ова само го потврдува она на што НМСМ континуирано укажува, дека новоформираното Министерство сè уште нема изграден институционален капацитет, стратегија, ниту структура за конзистентно и транспарентно водење на младински политики.
„По повеќе од една година постоење, наместо да биде системски партнер на младите, Министерството функционира преку непланирани чекори, краткорочни интервенции и селективна комуникација, со исклучување на граѓанскиот сектор од процесите на одлучување. Ваквиот пристап е една од причините поради која младите немаат доверба во институциите, ја компромитира мисијата на Министерството и креира слика на импровизација наместо системско управување со младинските политики. Младите заслужуваат реални и фер можности – а не затворени и манипулативни процеси„ велат од НМСМ.
Од Националниот младински совет апелираат: Министерството итно да го продолжи рокот за аплицирање до крајот на август, со обврска за јавна промоција и информирање на сите заинтересирани страни;
Да започне структуриран дијалог со младинските организации, заснован на партнерство, отчетност и доверба – а не селективна комуникација и исклучување; Заедно со подготовката на буџетот на Министерството, да се креира и годишен план за работа на Сектор млади, за да се надминат вакви ад хок активности.
„Националниот младински совет на Македонија ќе продолжи да ја следи работата на институциите и да се залага за фер, инклузивни и отчетни младински политики, кои нема да бидат водени од партиски интереси, туку од потребите и гласот на младите. Младите не се декор во институциите – тие се двигатели на промената. Потребни ни се институции што ќе работат во нивна полза – одговорно, транспарентно и со визија“ се наведува во писмената реакција.