По повод Меѓународниот ден на млади, НМСМ го објави Мониторинг извештајот за имплементацијата на законот за младинско учество и младински политики за 2024 година. Четврта година по ред, извештајот го анализира напредокот во имплементацијата на одредбите од Законот и воспоставувањето на предвидените сервиси и механизми на локално и национално ниво.
Согласно податоците прибрани за периодот од 1ви јануари 2024 до 31 ви декември 2024 година, се забележува пад на имплементацијата на механизмите и сервисите на млади. Дополнително извештајот покажува дека е зголемено нивото на разбирање на законските одредби од страна на општините. На национално ниво, иако има напредок преку воспоставувањето на Истражувачкиот центар (Одделение за истражувања од областа на младите во рамки на Сектор млади во Министерството за социјална политика, демографија и млади), сепак недостасува усогласување на законските одредби со новата поставеност на државниот апарат и усвојување на сите релевантни подзаконски акти.
Согласно извештајот на НМСМ
- Бројот на општини кои имаат локален младински совет е намален за 6 (од 34 во 2023 на 28 во 2024)
- Бројот на општини кои имаат усвоени локални стратегии за млади е намален за 8 (од 18 во 2023 на 10 во 2024)
- Само 4 општини имаат уредно спроведено постапка за воспоставување на канцеларија за млади
- Само 9 општини имаат Младински центри кои работат во соработка со младински форми на организирање;
- Бројот на младински службеници во општините е намален за 10 (од 65 во 2023 на 55 во 2024)
- Во 2024 само 9 општини го одвоиле законски предвидениот буџет за млади од најмалку 0,1% од вкупниот буџет на општината;
- Во 2025 само 16 општини предвиделе буџет за млади од законски утврдениот минимум од 0.1% од вкупниот буџет на општината.
- Според општините, буџет за млади најчесто претставува буџет за културни и спортски манифестации
За унапредување на имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики НМСМ препорачува:
- Итно усвојување на измени и дополнувања на законот и усвојување на подзаконски акти за целосно уредување на сите законски одредби;
- Креирање и издавање на упатства и прирачници за воспоставување и спроведување на законските одредби особено на локално ниво;
- Професионализација на младинските службеници и воспоставување на механизам за надзор и поддршка на општините во имплементацијата на Законот;
- Зајакнување на капацитетите и улогата на одделенијата во Секторот млади во Министерството за социјална политика, демографија и млади;
- Воспоставување на посебна буџетска ставка за млади во буџетите на локалните и националните институции со цел јасно дефинирање на буџетот наменет за млади;
- Организирање на надзорна расправа за имплементацијата на Законот од страна на Собранието на Република Северна Македонија со цел унапредување на значењето и влијанието на Законот.