NLB поседува богато културно наследство кое ја одразува децениската посветеност кон уметноста, историјата и зачувувањето на културните вредности. Преку долгогодишна и континуирана аквизиција на уметнички дела, НЛБ изгради една од најзначајните корпоративни колекции на словенечка ликовна уметност од 20. и 21. век. Паралелно, банката има зачувано и вредни артефакти поврзани со пари, банкарство и банкарски практики, со што е формирана единствена музејска колекција на банкарството во Словенија.
Со цел систематско и професионално управување со овие културни и уметнички богатства, во април 2020 година беше основан Институтот за управување со културното наследство – NLB MUZA, кој е во целосна сопственост на НЛБ д.д. и дел од НЛБ групацијата.
Во рамки на својата мисија за одговорно управување и развој на современата уметност, NLB MUZA објави меѓународен повик за аплицирање за членство во Уметничкиот совет. Овој совет има клучна улога во креирањето на стратешката визија, кураторските концепти и програмските насоки во областа на современата уметност.
Повикот е наменет за куратори со богато меѓународно искуство, како и за директори на галерии и музеи на современа уметност, кои зад себе имаат докажана професионална извонредност и лидерски капацитети. Заинтересираните кандидати треба да достават документација на англиски јазик, која вклучува: кратка биографија (CV), список на реализирани изложби, публикации и проекти, мотивациско писмо со визија за развојот на современата уметност, како и најмалку две професионални препораки.
Членовите на Уметничкиот совет ќе имаат советодавна улога во процесите на аквизиција на современи уметнички дела, зачувување и развој на колекцијата, како и во дефинирањето на програмски насоки. Дополнително, тие ќе придонесуваат кон меѓународно вмрежување, развој на проекти и следење на глобалните трендови во современата уметност. Мандатот на членовите е четири години.
Апликациите се испраќаат на електронската адреса matko.mioc@nlb-muza.si, со назнака „Application – Artistic Council“, најдоцна до 25 јануари 2026 година.
