Силна зимска бура го зафати Њујорк , а Националната метеоролошка служба издаде предупредување за снежна бура и најави до 60 сантиметри снег. Градските власти воведоа привремена забрана за движење на возила, поради што улиците на Менхетен останаа речиси празни.
Се очекува во поширокото градско подрачје да наврнат меѓу 45 и 60 сантиметри снег, додека температурите ќе се спуштат до околу –6 степени Целзиусови. Ова е првпат по девет години градот да биде под официјално предупредување за меќава.
Вонредна состојба е прогласена и во Масачусетс, Делавер, Њу Џерси и Род Ајленд.
Предупредувањето за меќава опфаќа околу 40 милиони луѓе, додека дополнителни 19 милиони се под општо предупредување за зимска бура која се протега од централните Апалачи до крајбрежјето на Мејн.
Надлежните служби апелираат граѓаните да останат во своите домови додека траат врнежите и расчистувањето на патиштата.