Откриено колкаво било нивото на океаните на Марс пред три милијарди години

Научниците утврдија дека најголемиот познат океан на Марс се простирал преку северната хемисфера на планетата и бил споредлив по големина со Арктичкиот океан на Земјата.
Foto: Argadestya, I., Schlunegger, F., Anselmetti, F.S. et al. Scarp-fronted deposits record the highest water level in Mars’ Valles Marineris. npj Space Explor. 2, 2 (2026).

Како што пренесува Science Alert, ново научно истражување открива колкаво било нивото на океаните на Марс за време на неговиот највлажен период, пред околу три милијарди години. Ова откритие дополнително ги зацврстува доказите дека Црвената планета во далечното минато имала езера, реки и огромни водени површини.

Истражувањето е спроведено од научници од Италија и Швајцарија, кои анализирале податоци добиени од три орбитални сателити, со фокус на кањонот Coprates Chasma, дел од системот Valles Marineris – најголемиот кањонски комплекс во Сончевиот систем.

Докази од „делти“ во марсовски кањон

Сателитските снимки од регионот откриле лепезести наслаги кои по форма и структура наликуваат на речни делти на Земјата, геолошки формации што се создаваат таму каде што реките се влеваат во океани или големи езера.

„Делтастите структури се формираат таму каде што реките се влеваат во океан, што го знаеме од бројни примери на Земјата“, изјавил геоморфологот Фриц Шлунегер од Универзитетот во Берн. „Формациите што ги идентификувавме на снимките јасно укажуваат на влевање на река во океан.“

Најголемиот океан во историјата на Марс

Сите идентификувани делтасти наслаги се наоѓаат на височина помеѓу 3.650 и 3.750 метри под референтната површина на Марс. Тоа е околу 1.000 метри над најдлабоката точка на Valles Marineris, што им овозможило на научниците да ја пресметаат тогашната „морска линија“.

Според проценките, океанот што постоел во овој период бил со големина приближна на Арктичкиот океан на Земјата и се простирал низ голем дел од северната хемисфера на планетата.

„Овие резултати претставуваат докази за најдлабокиот и најголемиот океан што некогаш постоел на Марс“, изјави геологот Игнацијус Аргадестја, исто така од Универзитетот во Берн.

Научниците проценуваат дека наслагите се формирале пред околу три милијарди години – период што го опишуваат како време со најголема достапност на површинска вода на Марс. Ова датирање е неколку стотици милиони години подоцна од претходните претпоставки за постоењето на марсовски океани.

Потенцијално населива планета во минатото

Откритието се вклопува во сè поголем број докази што укажуваат дека Марс некогаш бил влажна и потенцијално населива планета. Со оглед на тоа што животот на Земјата се појавил релативно брзо по создавањето на површински води, научниците не ја исклучуваат можноста дека и Марс накратко можел да биде дом на примитивни форми на живот.

Истражувачите посочуваат дека новооткриените древни крајбрежја би можеле да бидат меѓу најперспективните локации за идни мисии во потрага по траги од поранешен живот.

Резултатите од студијата се објавени во научното списание npj Space Exploration.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни