Глобалната потрошувачка на пиво опаѓа, што е лоша вест за Франција, која сама произведува 30 отсто слад во светот, пишуваат француските медиуми, истакнувајќи дека Франција и понатаму има намера да ја задржи водечката позиција на пазарот како најголем извозник на основната состојка за производство на пиво.
Како што јави BFM TV, Франција произведува 30 отсто од светскиот слад и е водечки извозник во светот речиси 50 години, со 14 фабрики и три главни производители во земјата.
Во најголемата фабрика за слад во Франција, годишно се преработуваат 275.000 тони од оваа клучна состојка, која потоа со брод се транспортира до пиварниците во Северна Европа, Азија и Африка.
Франција е и втор најголем извозник на слад јачмен, благодарение на поволната клима во централните и источните региони, добрата организација на синџирот на производство и развиената мрежа на фабрики за слад и силоси.
Глобалното производство на пиво минатата година падна за 1,7 милијарди литри, на 188 милијарди, односно за нешто помалку од процентен поен.