Во многу земји ширум светот сè уште се во сила закони кои се однесуваат на одредени раси на кучиња, па така расите како питбули, ротвајлери и добермани често се неправедно стигматизирани и изложени на ризик, не само на социјална осуда, туку и на евтаназија. Овие кучиња често се прикажуваат како исклучително опасни и агресивни, иако научните истражувања сугерираат сосема поинаква слика.

Опсежната студија објавена во научното списание Applied Animal Behavior Science носи изненадувачки податоци за тоа кои раси се всушност најмногу склони кон агресија. Во истражувањето учествувале 6.000 сопственици на кучиња, а тоа било спроведено во соработка со експерти од Универзитетот во Пенсилванија.
Резултатите покажаа дека расите, кои обично се сметаат за опасни, всушност не се меѓу најагресивните. Првите три места на листата ги заземаат раси кои ретко кој ги поврзува со агресија. На самиот врв, сосема неочекувано, се најде расата на кучиња, дакел или дакс.
Истражувањата откриле дека дури 20 отсто од овие кучиња покажуваат агресивно однесување кон странци, а многу од нив се снимени како напаѓаат други кучиња, па дури и нивните сопственици.
На второ место по изразена агресивност се најде чивавата, додека третата позиција ја зазеде Џек Расел териерот. Иако се мали и навидум безопасни, токму овие раси покажуваат најмногу облици на непријателско однесување.
Авторите на студијата истакнуваат дека податоците често се неверодостојни бидејќи повеќето инциденти не се пријавуваат, особено кога станува збор за помали кучиња. Големите кучиња имаат поголема веројатност да предизвикаат посериозни повреди за кои е потребна медицинска помош, што резултира со поголема стапка на пријавување, но тоа не значи дека тие се со поголема веројатност да бидат агресивни.
Интересно е тоа што големите и често критикувани раси, како што се питбулите и ротвајлерите, покажале просечни или дури и подпросечни нивоа на агресија во оваа студија. Од друга страна, меѓу најмалку агресивните кучиња биле расите како басет хунд, златен ретривер, лабрадор, хаски и грихоун, кои се познати по својот смирен темперамент.

Заклучокот од истражувањето укажува дека големината на кучето не е пресуден фактор кога е во прашање агресивноста, туку дека генетиката и воспитувањето имаат многу поголемо влијание.