Ништо од продажбата на „Лукоил“ – „Ганвор“ се повлекува поради притисок од САД

Швајцарскиот трговски гигант „Ганвор“ ја повлекува понудата за купување на меѓународниот бизнис на „Лукоил“ откако САД порачаа дека нема да дозволат зделка со компании поврзани со Кремљ.

Швајцарската компанија Gunvor соопшти дека ја повлекува понудата за купување на меѓународната имотна структура на рускиот енергетски гигант „Лукоил“, откако САД порачаа дека „никогаш“ нема да дозволат ваква зделка.

„Претседателот Доналд Трамп јасно кажа дека војната мора веднаш да заврши. Додека (рускиот претседател) Владимир Путин продолжува со бесмислените убиства, пиунот на Кремљ – Gunvor – никогаш нема да добие дозвола да работи и профитира,“ стои во објавата на американското Министерство за финансии на социјалната мрежа X.

Реакција од „Ганвор“: Изјавата е погрешна

Портпаролот на „Ганвор“, Сет Пјетрас, изјави за Политико дека тврдењата од Вашингтон се „во основа неточни“.

„Во меѓувреме, Gunvor ја повлекува својата понуда за меѓународните средства на Лукоил“, додаде тој.

Одлуката доаѓа само неколку дена откако „Лукоил“ објави дека ја прифатил понудата на швајцарската трговска куќа, по најавата дека американската администрација подготвува нов пакет санкции против руската енергетска компанија.

„Лукоил“ под санкции, имот низ цела Европа

Според планот, договорот требаше да биде одобрен од американското Министерство за финансии пред 21 ноември – датумот кога „Лукоил“ би бил официјално ставен на црната листа.

Компанијата поседува две рафинерии во Бугарија и Романија, 45% удел во фабрика за гориво во Холандија и околу 2.000 бензински пумпи низ Европа.

Поврзаности со Кремљ и оддалечување од Русија

„Ганвор“ беше основан во 2000 година од шведскиот милијардер Торбјорн Торнквист и Генадиј Тимченко, близок соработник на Владимир Путин. Во тоа време компанијата беше еден од најголемите извозници на руска нафта во светот.

Во 2014 година, непосредно пред воведувањето на американските санкции по анексијата на Крим, Тимченко го продаде својот удел од 43,6%.

Од тогаш, „Ганвор“ настојува јавно да се дистанцира од Русија, продавајќи ги сите руски актива и јавно осудувајќи ја инвазијата врз Украина.

Gunvor секогаш бил транспарентен во однос на сопственоста и работењето и веќе повеќе од една деценија активно се дистанцира од трговијата со Русија,“ нагласи Пјетрас.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни