„Ништо не знаев“: Што изјави Бил Клинтон пред Конгресот за случајот Епстин?

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон пред истражен одбор на Конгресот изјави дека не знаел за злосторствата на Џефри Епстин и дека никогаш не видел ништо сомнително за време на нивното познанство.

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон денеска сведочеше пред истражен одбор на Конгрес на САД во врска со неговото поранешно познанство со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин. Клинтон категорично изјави дека ништо не знаел за злосторствата што ги извршил Епстин и дека никогаш не направил ништо погрешно.

„Немав поим за злосторствата што ги извршил Епстин. Без разлика колку фотографии ќе ми покажете, знам што сум видел, а уште поважно – што не сум видел. Знам што сум направил, а уште поважно – што не сум направил“, изјави Клинтон.

Тој додаде дека, како личност која пораснала во дом со семејно насилство, никогаш не би летал со авионот на Епстин доколку имал каква било претстава за тоа што се случува. „Ќе го пријавев и ќе барав правда за неговите жртви, наместо какви било договори“, рече поранешниот претседател.

Клинтон нагласи дека и по две децении може да тврди оти никогаш не видел ништо што би го натерало да се посомнева. „Овде сум затоа што тој толку долго го криел тоа од сите. Кога во 2008 година ја призна вината, јас одамна престанав да се дружам со него“, изјави тој.

Во текот на сослушувањето, Клинтон често истакнувал дека не се сеќава на одредени детали, но објаснил дека тоа го прави за да не шпекулира. „Заклетвата ме обврзува да не нагаѓам. Нема да кажам нешто во што не сум сигурен“, додаде тој.

На почетокот на обраќањето, Клинтон посочи дека се појавил од две причини: љубовта кон земјата и уверувањето дека никој не е над законот, па ни претседателите. Второ, рече дека жртвите на Епстин заслужуваат правда и исцелување и дека предолго чекале на тоа.

По неговата воведна изјава, сослушувањето продолжи со прашања од конгресмените. Дел од демократите најавија дека ќе постават тешки прашања, иако некои сметаат дека во фокусот е „погрешниот претседател“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни