Маслиновото масло е најздравото масло за готвење, кое се добива од сокот на маслинката. Според експертите, маслиновото масло од екстра девствена категорија содржи уникатни феноли, односно природни соединенија кои имаат силни антиоксидантни и антимикробни својства, а кои го штитат организмот од штетни молекули и воспаленија.
Истражувањата покажуваат дека медитеранската исхрана, богата со овошје, зеленчук и маслиново масло, е една од најздравите во светот. Според експерти, маслиновото масло е вистинскиот „таен“ додаток кој придонесува за бројни здравствени придобивки, како што се намалување на ризикот од срцеви заболувања, дијабетес, па дури и некои видови рак.

На пример, едно долго истражување во Шпанија покажа дека луѓето кои секојдневно конзумираат една и пол кафена лажичка екстра девствено маслиново масло имаат дупло помал ризик од смрт од кардиоваскуларни болести во споредба со оние кои користат рафинирано масло.
Дополнително, пиењето повеќе од две лажици екстра девствено маслиново масло дневно може да ја намали веројатноста за појава на рак на дојка, според една друга студија.
Маслиновото масло исто така помага во регулирање на крвниот шеќер, што е важно за лицата со дијабетес, а некои истражувања покажуваат дека може да го подобри и когнитивното здравје и меморијата.

Иако маслата се калориски густи, екстра девственото маслиново масло може да помогне и во губење на тежината. Студиите покажуваат дека луѓето кои додаваат повеќе масло во исхраната почесто губат тежина и имаат поголема мотивација да се придржуваат до диетата.
Квалитетот на маслиновото масло е клучен. Најдобро е да се купува свежо масло од проверени производители, по можност органско, кое се чува на темно и ладно место за да се зачуваат неговите хранливи својства.

Како што велат експертите, маслиновото масло не е само здравствен додаток, туку вистинско „течно злато“ кое со својот вкус и придобивки може да го збогати секој оброк.
Извор: National Geographic