Две недели седнувам пред компјутер и се обидувам нешто да напишам. Сакам да напишам нешто позитивно, да не е сивило, да не е депресија, да не се лекции, предавања или пак солење памет. Но кажете ми што позитивно ни се случува во државата за што можам да напишам и да речам браво?! Дали воопшто по скандалот на онкологија остана нешто позитивно, нормално, човечно во оваа држава?
Немаме море, немаме океан, ама тонеме најбрзо и најдлабоко! За кратко ќе дојде зимата и како и секоја година ќе почнеме да си се гушиме во загадениот воздух. Ќе си чекаме со месеци улиците да си стојат така ископани као демек за реновирање и ќе си плаќаме цени на производи кои се еднакви ако не и поскапи со земјите за чиј стандард можеме само да сонуваме. Ќе си продолжи се по старо и ние ќе си молчиме затоа што „Ќути си, може да биде полошо.“
Дали може да биде полошо од ова?! Се убиваат луѓе за пари! Не може да биде полошо и затоа прашувам – Зошто сеуште молчиме? Зошто не сме на протест?
Луѓе од нормални држави ни се чудат како можеме лабаво да си седиме и мува да не не лази за тоа што ни се случува во државата, но тие не знаат дека ние одамна не сме нормални. Не може да биде ова нормална држава и да има нормален народ кога ни викаат „кабелот е крив за смртта на луѓе и пожарот“ и ние им веруваме и си ќутиме. Сега ни кажуваат „има починати луѓе кои се водат дека сеуште земаат терапија, ама не е криминал туку пропуст е во системот, дека на два различни системи ги водиме пациентите“ и ние пак ќутиме. Ние не сме на протест, зошто „да не бодам очи, ќе ме види некој од партија“; „Не можам сега во кафана сме договорени“; „Жане ќе дојде на кафе во 6“; „Кој ќе ти оди сега на протести, шо фајде од протести“ и така натаму… Ние си имаме изговори за СЕ.
И да, ние не сме нормални затоа што и ова го буткаме накај политика како и се останато. Протестите се политизираат и се препишуваат на партија, на политичка цел и мене тоа ми е НЕВИДЕНО. Ние навистина не сме нормални. Да ви кажам искрено и СДСМ и ВМРО и се помеѓу. Преку глава ни е! Ништо посебно не ми значи ако сегашнава власт излезе пред камера и изјави „Виновниците ќе се казнат“, а од другата партија трчаат да изјават „Виновниците мора да се најдат“. Ни едните ни другите не кажавте, не смисливте, не откривте ништо ново, ништо оригинално. Да, виновниците мора да се најдат и мора да се казнат, логично. Но она што нам на народот ни треба е СПРОВЕДУВАЊЕ НА КАЖАНИТЕ ЗБОРОВИ НА ДЕЛО. Од приказни и зборување навистина ни е преку глава. Дури и тие што седат дома и ќутат и нив им е преку глава, остај тоа што ништо не прават и не се на протест.
Ние сме како еден закржлавен, отепан, гладен, искубан НОЈ, што упорно ја копа главата во песокот за да се сокрие од реалноста. Да ние, Македонија сме баш тоа. И бетер сме од децата што веруваат во бајки, затоа што ние веруваме дека нема потреба да правиме ништо, доволно е само вака да си седиме и проблемите сами ќе се решат. Или пак мислиме ќе дојде некој и ќе рече „Чекајте. Си игравте што си игравте држава, дајте јас ќе ви ги средам сите проблеми“. За жал, проблемите не си одат, напротив се зголемуваат и ако некој дојде, нема да биде за да ни ги реши проблемите туку да ни го земе и тоа малку што ни остана од државата.
Мислев дека никогаш немаше да речам дека можело да биде полошо од што беше во изминатите години, но сега согледувајќи каде сме и накај одиме гледам дека сепак полошо можело да биде. Кажете ми само дали ќе направиме нешто или да земеме колективно да се спакуваме, да си одиме и да изгасиме светло?