Прва научна книга на студент на додипломски студии објавена од Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје

Нина Насеска, студентката која испиша нови страници со истражувањата за македонската книжевност за деца

Проектот „Детските народни песни во современ контекст“ е избран од мноштвото проекти од хуманистичките науки од Универзитетско студентско собрание – УКИМ и од Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Ова е до сега најобемното теренско истражување за народни песни од деца и за деца на современ план, прва студија на оваа тема и прва научна книга на студент на додипломски студии што ќе ја објави Факултетот. Нина Насеска со своето истражување испиша нови страници со современите истражувања за македонската книжевност за деца

Нина Насеска е студентка на додипломските студии на Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје чиј студентскиот проект „Детските народни песни во современ контекст“ под менторство на професорката Весна Мојсова-Чепишевска е избран од мноштвото проекти од хуманистичките науки и финансиски поддржан од Универзитетско студентско собрание – УКИМ и од Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Ова е до сега најобемното теренско истражување за народни песни од деца и за деца на современ план и прва студија на оваа тема, со нова типологија на детските народни песни и со материјал и насоки за уште многу истражувања и прва научна книга на студент на додипломски студии што ќе ја објави Факултетот. Нина Насеска со своето истражување не само што испиша нови страници со современите истражувања за македонската книжевност за деца, туку го покажа патот кон успешните научно истражувачки проекти на сите студенти. Со Нина и со нејзината менторка разговаравме за предизвиците во истражувањето, за нејзиотот гледање на народното творештво и за потребата истото да се стави во современ концепт…

Трн: Од каде дојде идејата за проектот „Детските народни песни во современ контекст“?

Трн: Раскажете ни нешто повеќе за Вашиот проект...

    Нина: Собирањето на детски народни песни започна во 2022 година сосема ентузијастички, без никаква намера тоа да прерасне во научен проект. Поаѓајќи од помислата дека еден ден може сите песни со кои нѐ заспивале, со кои сме се пребројувале на улица, со кои сме пораснале сосема да исчезнат, да се заборават, добив желба да ги запишам и документирам. Потоа, низ консултации со менторката, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска се утврди дека тие записи имаат вредност и дека може да се истражуваат и научно.

     Нина: Проектот опфаќа теренско истражување кое имаше за цел собирање на фолклорен материјал, детски народни песни од различни географско оддалечени места на македонското поднебје. Предмет на истражување беа исклучиво детските народни песни во стихувана форма. Собраниот корпус од 157 различни песни, односно вкупно 210 песни, со варијанти, понатаму подлежеше на обработка, систематизација и класификација на видови и подвидови, како и на негова анализа од фолклорен, книжевен, културолошки и социолошки аспект.

    Трн: Работевте големо теренско истражување на оваа тема. Што најмногу Ве изненади и Ве одушеви во процесот на работа?

    Нина: Бев исклучително изненадена што денес активно се пеат и изведуваат детски песни со мошне старо потекло, за што ни укажуваат мотивите и јазикот, но и фактот што дел од нив се запишани и од нашите први собирачи браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев и Марко Цепенков. А, ме воодушеви приемот кај информаторите, оние што ги кажуваа запишаните песни во рамките на теренското истражување. Сите беа отворени за соработка и ги пречекуваа прашањата со радост. Според нив самата тема им предизвикуваше емоции, им навраќаше спомени од детството кои мислеле дека им се заборавени и максимално се вложуваа да го дадат својот придонес.

    Трн: Зошто токму потребата да се стават детските народни песни во современ контекст?

    Нина: Живееме во време со многу брз развој и технолошки напредок, со доста промени кои можат да влијаат негативно на фолклорот воопшто. Но, кога станува збор за детските народни песни, тие се меѓу ретките жанрови на народната книжевност што се и денес во активен процес, се пресоздаваат, видоизменуваат, но и добиваат сосема нови форми. Тие се носители на традиција која во современ контекст покажува современи тенденции и затоа е важно таковото сопоставување на детските народни песни во минатото и денес, на современ план.

    Трн: Колку децата денес и младите генерално читаат и сакаат да читаат во ова време на социјални медиуми?

    Нина: Детето пред да научи да чита, прво се запознава со усните детски песнички изведувани од родителите, бабите и дедовците. Тие се исклучително важни за правилна артикулацијата на говорот, за интелектуалниот и емоцијоналниот развој и претставуваат прв допир на детето со книжевноста. Потоа од воспитувањето во рамките на семејството зависи колку детето ќе ја засака книгата и пишаниот збор.

    Трн: Овој проект е еден од избраните од УКИМ од мноштвото пристигнати проекти. Очекувавте ли ваков импакт кога започнавте со истражувањето?

    Нина: Не, воопшто. Ова за мене беше едно ново искуство како студент да се занимавам со ваков научен проект, а истовремено претставува голема одговорност да се оправда довербата дадена од менторката и од Факултетот, како и од Комисијата за наука на УСС при УКИМ и Комисијата за наука при УКИМ коишто финансиски го поддржаа проектот.

    Трн: Ова е прва научна книга на студент на додипломски студии што ќе ја објави Филолошкиот факултет УКИМ. Испишувате нова страница и на Факултетот, како студент, како жена, но и нова страница во современата книжевност за деца… Какво е чувството?

    Нина: Многу сум благодарна што низ целиот процес имав чест да соработувам со мојата менторка, проф. д-р Весна Мојсова-Чешишевска, која ми понуди непроценлива помош и поддршка, беше секогаш достапна за консултации, насоки и сугестии и овозможи научниот проект да доживее своја завршница. Меѓу другото, тука беше и Факултетот кој ми даде огромна поддршка и можност за непречено реализирање на целиот процес.

    Трн: Кажете ни нешто за Вашите останати проекти.

    Нина: Како студент во трета година на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во моментов приоритет ми се студиите, но доколку се создадат услови и можности за слични и други истражувања со задоволство би се вклучила.

    Проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, ја водеше Нина низ целиот процес на нејзината работа и истражувањето. Освен што е професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, таа е истражувач, раскажувач и промотор на македонскиот јазик, литература и култура. Автор е на неколку книги и рецензии, вечен и неуморен  трагач по книжевната мисла и инспирација на многу млади книжевници. За нејзините студенти таа ќе каже „тие ме полнат со нивната енергија и со нивните свежи промислувања. Ми даваат можност за една нова визура во исчитувањето на литературата и културата. Од нивна гледна точка. Ми дозволуваат низ нивната призма и преку нивните сфаќања одново и одново да ги исчитувам книгите.“

    Трн: Колку сте горди кога еден проект од Ваш студент ќе доживее ваков успех?

    Весна: Колку сме добри научници покажуваат нашите објави – трудови и книги. Но, дали и колку сме добри професори покажуваат остварувањата на нашите студенти, вклучително и нивните проекти, истражувања, статии, публикации… Тие се и рефлексија, одраз и на пренесеното знаење, но и на мотивираноста, на соработката, на севкупното професорско вложување. Не е новост дека и да се биде исклучителен научник, не значи по аналогија дека сте и добар професор, дека знаете сето тоа акомулирано знаење да го пренесете и да ги поттикнете студентите на нивни истражувања… Затоа, проектите што доживуваат ваков успех не само што ме прават горда и радосна, туку и ме успокојуваат дека ја оправдувам довербата што ми е дадена пред повеќе од три децении кога почнав со настава на Филолошкиот факултет при УКИМ. Но, тоа не значи дека тука се запира… Како што не се запре ни пред години кога се случија исклучителни студии од некогашни студенти објавени како книги, како на пример на Татјана Б. Ефтимовска, и тоа и нејзиниот магистерски труд кој беше прв од таков формат посветен на македонскиот есеј преку примерите од творештвото на Влада Урошевиќ и Јагода Михајлова-Георгиева, и нејзиниот докторат за „Папокот на светот“ на Венко Андоновски, како и магистерскиот труд на Валентина Трајановска за Ристо Давчевски како баснописец. Па следуваше и книгата на Иван Антоновски за есеистиката на Горан Стефановски чијашто прва верзија беше магистерски труд… И особено ме радува што и во ова „дигитализирано време“, само изминатава година се случија книги од мои студенти на коишто сум им била ментор – книжевната мапа на Скопје на Моника Илкова и македонската книжевна жена на Ирина Тумбовска. Бев рецензент и на книгата на мојата некогашна студентка Ана-Марија Бранѓолица за бајачките обреди како дел од македонската народна култура. И не се запре тука, туку еве го и овој проект на Нина Насеска, којшто ми е особено драг затоа што е прв ваков проект за книжевноста за деца со студент на додипломски студии. Се надевам дека наставата по книжевност за деца беше поттик да почне теренското истражување што доведе и до исклучителна студија и до материјал којшто иако е собран од студент, очекувам дека ќе биде голем предизвик за истражувања и анализи од македонската книжевна наука и од македонската фолклористика воопшто. Во книгата што ќе биде објавена, не само што секој ќе ја најде својата песна од детството, туку и ќе пронајде тема и можност за нови научни трудови… И знам дека многумина ќе бидат изненадени дека по многу години, веќе имаме и студија и материјал од истражување какви што ни недостасуваа, а дека зад сето тоа стои студент, и тоа од трета година на додипломски студии. Затоа сум радосна, но и горда, а и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ е и радосен и горд што има студенти како Нина. Ама морам да кажам и дека нема да се запре тука – чувствувам обврска, но и мотивираност, со секој нов ден да се случува нова активност во соработка со студентите што се подготвени да се посветат на науката. Тоа им го должам и ним, и на македонската книжевна наука и на нејзините перспективи, но и на оние што пред повеќе од три децении ми ја дадоа довербата да бидам кадар на Филолошкиот факултет при УКИМ – нашите претходници коишто ги трасираа патеките по коишто се движиме денес и од од коишто ги насочуваме нашите студенти – оние коишто треба и можат да стигнат онаму и каде што не сме успеале досега ние.

    Трн: Што е она кон кое ги насочувате Вашите студенти?

    Весна: Секогаш да се посветат на она што ги прави среќни и на она со што мислат дека ќе можат да остварат најголем придонес и како индивидуи, кон она што го сметаат за најголем предизвик. И да не се колебаат дали тој предизвик е остварлив, но и да се самокритични, одговорни во она што го или ќе го работат. И не само во науката, туку и во книжевното творештво, и воопшто во животот… Затоа и секогаш се трудев и се трудам да ги поддржам во таквата решеност, и во деведесеттите кога на Филолошкиот факултет се објавуваа алманахот „Мугри“ и „Лоза“ и кога со задоволство ги слушав нивните книжевни настапи, и денес кога ми е драго што Филолошкиот факултет повторно има студентско списание. Затоа и секогаш ми беше радост кога ќе бев и кога сум рецензент на нивните први поетски или прозни книги, на нивните монографии… И пред повеќе од една деценија кога дебитираа на пр. Јулијана Величковска, Ѓоко Здравески, Душко Крстевски, Давор Стојановски, Маја Којчева-Величковска, Иван Антоновски и цела плејада автори што ги има и во антологијата „Ветерот носи убаво време“, и денес кога со свои објави книжевниот простор го „заземаат“ и Дијана Петрова, Станка Бајлозова, Марија Костадиновска, Рената Пенчова, па и Нина, којашто покрај остварувањето во науката, неодамна објави и прекрасна збирка раскази „Петкамен“. Затоа и постојано сум тука и за книжевен разговор и со сите оние што го претставуваат „Ново раѓање на зборот“, антологијата што ја приредивме со Иван Антоновски минатата година, но и за сите други што ќе се пројават во времето пред нас. Деновиве особено ме израдува што и наградата „Млада Струга“ ја доби студентка што кај мене го слушаше токму предметот Книжевност за деца – Филипа Сара Попова. И таа е дел од „Ново раѓање на зборот“… Но и кога ја добив поканата за промоцијата на новата книга на Биљана Стојановска – нашата Биленце што произлезе од клупите на Катедрата на која го минувам сиот работен век. Секојдневно ми се потврдува дека оваа насока е соодветната… Кога читам книжевен превод од Душко Крстевски, за кого ми е особено драго што колку што можев придонесов во неговото остварување и како книжевен преведувач, онаму каде што чинам најмногу се пронајде и најодговорно можам да речам дека е еден од најпродуктивните, но и најдобрите книжевни преведувачи што денес ги има Македонија. Кога дознавам за ново издание на Јулијана и „ПНВ Публикации“ и кога се радувам на „Скопскиот поетски фестивал“… Кога читам нов, необјавен расказ од Дијана или Станка, кога дознавам за нов успех на меѓународен план на Ивана Јовановска којашто два семестри посветено следеше настава кај мене, повторно по Книжевност за деца… Примерите се многубројни. Сигурно ќе нема доволно простор за да ги набројам сите, но барем накусо, во едно сум сигурна – и македонската книжевност, и македонската книжевна наука ќе имаат убава иднина и многу перспективи…

    Трн: Можеме ли да очекуваме и други вакви проекти од Вашите студенти наскоро?

    Весна: По природа сум личност што не сака работите да ги најавува или да им се радува предвреме, но овојпат ќе кажам барем кусо: да. И тоа неколку проекти… Најверојатно, прв од нив ќе биде изборот од љубовна поезија од современи македонски поети „Да се разбереме“, на македонски, и за првпат во превод на албански јазик, на којшто работевме заедно со студентите што изминатава академска година го слушаа предметот Современа македонска книжевност, но се вклучија и колеги од албанологија, и од Катедрата за општа и компаративна книжевност… Се покажа дека македонската поезија може да нѐ обедини сите. Изданието е на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и се надевам дека ќе биде објавено на почетокот на следната академска година, кога ќе можеме да кажеме и нешто повеќе, со веќе објавена книга. Затоа и голема благодарност до деканот проф. д-р Владимир Мартиновски, како и до целиот декански тим на Факултетот, што градат вистински професионален однос кон она што го работат студентите и нивните ментори и придонесуваат тие нивни заеднички работи и „мали“ успеси да станат повидливи и препознатливи. Девизата за мене, кога станува збор за моите остварувања, но и за она што тимски може да се направи со колегите, не е за „ловорики“ она што е остварено досега, заедно со студентите, со колегите… Туку што може да остварам и што може заеднички да оствариме во времето пред нас, во духот на мислата и на Мисирков за тоа што направивме и што треба да направиме за однапред, којашто неретко сум ја посочувала и цитирала. Затоа што само ако сме со мисла дека имаме обврска и одговорност уште да оствариме и постигнеме, навистина до крај ќе го дадеме влогот за македонистиката, но и за македонската книжевност и култура, како и за книжевната наука и културологијата воопшто.

    е-Трн да боцка во твојот инбокс

    Последни колумни