Паметни уреди и глобална комуникација
Уште во 1926 година, Тесла зборувал за можноста луѓето да комуницираат преку мали уреди, кои ќе пренесуваат слики и звук на големи растојанија. „Ќе се гледаме и ќе се слушаме како да сме лице в лице, без разлика што нè делат илјадници километри. И сето тоа преку уред што ќе може да се носи во џебот“, предвидел Тесла.
Еколошка свест пред времето
Во 1935 година, Тесла ја истакнал потребата од институционална заштита на животната средина. „Загадувањето на плажите, какво што денес постои околу Њујорк, ќе им изгледа незамисливо на нашите деца и внуци, исто како што нам ни изгледа живот без вода“, рекол тој. Само децении подоцна, во 1970 година, беше формирана Американската агенција за заштита на животната средина (EPA).
Знаењето над војната
Тесла верувал дека иднината ќе го слави знаењето повеќе од воените победи. „Ќе биде пославно да се бориш против незнаењето, отколку да загинеш на бојното поле“, истакнал во 1935 година.
Женскиот интелект и новиот општествен поредок
Во 1926 година, Тесла предвидел значителна промена во улогата на жената во општеството: „Борбата на жената за еднаквост ќе заврши со нов полов поредок, во кој жената ќе стане супериорна.“ Промени кои денес се реалност, Тесла ги замислувал пред речиси 100 години.
Автоматизација и роботи
Тесла бил меѓу првите кои сериозно размислувале за автоматизација и роботи. „Бесконечен број активности што денес ги извршуваат луѓето, ќе ги преземат машини… Во 21. век, роботите ќе ја заменат ропската работа“, предвидел тој.
Летечки машини и глобално разбирање
Во 1926 година, Тесла зборувал за летечки машини кои нема да користат гориво, а кои, според него, ќе придонесат за политичка стабилност и подобро меѓународно разбирање.
Бежичен пренос на информации – дигиталниот свет
„Ќе можеме во живо да следиме настани – инаугурации, спортски натпревари, земјотреси или воени битки – како да сме таму“, рекол Тесла уште во 1926 година, во време кога вестите се добивале исклучиво преку печатот.
Бежична енергија – револуција во транспортот и комуникацијата
Тесла верувал дека кога бежичниот пренос на енергија ќе стане комерцијален, ќе се случи револуција: „Филмови веќе се пренесуваат бежично на мали растојанија, но во иднина растојанието нема да биде пречка.“
Читање мисли – научна фантастика или реалност?
Во 1933 година, Тесла предложил теорија според која човечките мисли би можеле да се визуелизираат: „Предметите што ги замислува човек ќе може да се проектираат на екран – секоја мисла ќе биде читлива.“ Денес, современата неуротехнологија веќе прави чекори во таа насока.
Никола Тесла не бил само генијален научник, туку и визионер чија мисла и денес ја води науката, технологијата и човештвото кон иднината што тој одамна ја замислил.