Понекогаш само еден погрешен клик е доволен за работите да тргнат наопаку, односно да „закачите“ вирус на вашите компјутери или телефони, хакерите да ги добијат вашите податоци и слично.
Експертите за сајбер безбедност често повторуваат слични совети за да го привлечат вниманието кон безбедносните проблеми на уредите и многу услуги што ги користите онлајн.
Експерт за безбедност од McAfee, исто така, предупредува дека е потребна голема претпазливост при кликнување на интернет, бидејќи постои опасност од шпионски софтвер и начинот на кој таков шпионски софтвер може да се преземе на различни уреди, од телефони до лаптопи.

Овие програми, без знаење на корисникот, можат да следат сè што корисниците пишуваат и на тој начин да добијат голем број важни податоци како што се кориснички имиња и лозинки, банкарски броеви и броеви на кредитни картички и слично.
Притоа, тој издвои четири збора што можат да бидат особено опасни, особено кога се појавуваат во форма на скокачки прозорци.
„Никогаш не кликнувајте на „Прифаќам“, „ОК“, „Не“ или „Да“ во скокачките прозорци, бидејќи овие дејства можат да предизвикаат автоматско преземање на шпионски софтвер“, предупреди тој.
Наместо тоа, најдобро е целосно да се затвори табот, а потоа и интернет-прелистувачот во такви ситуации, само не со кликнување на „X“, туку преку менаџерот на задачи на компјутерот или преку опцијата за присилно исклучување на Mac компјутерите.
Дополнително, овој експерт од McAfee, кој сакаше да остане анонимен кога разговараше со новинарите, им советува на сите уште една работа што е логична, но многумина сè уште не ја следат, а тоа е да избегнуваат преземање датотеки од небезбедни извори, како што се нелегални страници и торенти.

„Од безбедносни причини, важно е да се користат и најновите верзии на оперативните системи, како и софтверот, бидејќи, покрај новите опции, таквите верзии содржат и најнови безбедносни ажурирања“, додава тој.
Растечка закана и од вештачката интелигенција
Експертот за вештачка интелигенција, Лиза Палмер, предупреди дека вештачката интелигенција претставува растечка закана преку персонализирани шеми за кражба на идентитет.
Таа вели дека вештачката интелигенција може да креира високо персонализирани кампањи кои можат да бидат исклучително убедливи и ја потсети на ситуација во Аризона каде што мајка го слушнала гласот на нејзината ќерка како ѝ кажува дека е киднапирана и дека киднаперите бараат откуп, но гласот на девојчето бил создаден од вештачката интелигенција.
Слични измами со употреба на вештачка интелигенција и клонирање на глас се пријавени и во други американски држави. Ова се само некои од примерите што покажуваат колку софистицирана може да биде измамата денес и дека вештачката интелигенција може да ги измами дури и најпретпазливите.