Во четврток на 12 септември, со почеток во 20 часот, во Музеј на град Скопје ќе биде отворена изложба на уметницата Вања Димитрова насловена „Никаде Некаде“.
Самостојното претставување на Вања Димитрова, насловено „Никаде Некаде“ резимира неколку етапи од нејзиното долгогодишно творештво во областа на уметничкиот филм, аудиовизуелната уметност и фотографијата, авторски дела кои се препознаени со многубројни интернационални награди.
Фокусот на ликовниот интерес е сликата како репрезентација, како визуелен отисок на бараната реалност изразена преку филмскиот израз во фотографијата, филмот како документарен или конструиран наратив, најден, виден, асемблиран впечаток од живеењето. Визуелното во овие дела е патување низ времето или времињата, низ просторот или просторите чија совпадливост е можеби таму (не/ни)каде.
Проектот ги опфаќа прашањата околу идентитетот во глобалната социјална и културна клима. Значењето на оваа изложба се базира на трансформативната моќ на уметноста, раководена од потрагата на индивидуалното бивствување, борбата за опстојување во сегашното и технолошкото забрзување на денешницата кое посега по елиминирање на базичната човекова идентификација.
Вања Димитрова дипломира на Gerrit Rietveld Academie, на отсекот за аудио-визуелни уметности и магистрира ликовни уметности на Sandberg Instituut, двете престижни академии во Амстердам, Холандија. „Никаде Некаде“ е нејзина прва самостојна изложба. Како филмски автор работи на нејзиниот прв долгометражен филм како сценарист и режисер.
Куратор на изложбата е Натали Рајчиновска Павлеска.
Изложбата и Каталогот се реализирани од Музеј на град Скопје, а финансирани од Министерството за култура.