Ник Кејв со длабок и интимен концерт во Скопје

По децении чекање, Ник Кејв конечно доаѓа во Скопје. Концертот што ќе ја исполни македонската престолнина со темнина, страст и поезија, музичкиот новинар Ненад Георгиевски и Љубиша Петрушевски – Бубе, кој во деведесеттите направи легендарно интервју со Кејв, зборуваат за значењето на овој настап и трајното влијание на музичарот врз генерации љубители на музиката.

„Настан на годината“

За музичкиот новинар Ненад Георгиевски, доаѓањето на Ник Кејв е остварување на долгогодишна желба.
„Ова за мене е случување на годината. Културен настан каков што одамна немаме доживеано. Неговата музика ја следам уште од деведесеттите, кога преку Стотројка се рашири неговото дело кај нас. Имам многу книги и плочи кои би сакал да ми ги потпише – но поважно е што верувам дека не очекува интимен, длабок концерт,“ вели Георгиевски.

Тој смета дека трагедиите низ кои помина Кејв – смртта на неговиот татко и двата сина – го направиле уште поотворен и посензибилен. „Се менува со годините, станува поблиску до луѓето. Неговиот проект The Red Hand Files покажува колку сака директно да комуницира со фановите, а верувам дека тоа ќе се случи и во Скопје,“ додава тој.

„Генерациски херој“

Љубиша Петрушевски – Бубе, кој во деведесеттите години направи интервју во живо со Ник Кејв, вели дека австралискиот уметник бил генерациски херој за неговата генерација.
„Без разлика на успоните и падовите, тој секогаш заслужува респект. За нас беше симбол и на темнината и на ангелското во музиката – од ѓаволската енергија на Birthday Party до небесниот момент во филмот Небото над Берлин, каде што неговата песна ‘From Her to Eternity’ стана култна,“ вели Петрушевски.

Тој додава дека токму траумите го обликувале Кејв како уметник: „Неговата музика е одраз на борбата со загубите. Затоа неговите настапи се повеќе од концерт – тие се катарза. По 35 години, конечно го донесовме во Скопје. Ова е спектакл што ќе се памети.“

„Уникатен и инспиративен“

Што го прави Кејв толку посебен? Петрушевски вели:
„Тој доаѓа од Австралија – провинција во однос на Британија – и успеа да ја ревитализира лондонската сцена во осумдесеттите, кога таа беше во пад по панкот. Тој внесе нова енергија и револуција. Очекувам публиката во Скопје да го почувствува тоа – ова нема да биде само убав концерт, туку искуство што остава трага.“

Ник Кејв, еден од највлијателните уметници на современата музика, со својот концерт во Скопје ќе отвори ново поглавје во културната историја на градот. Иако зад себе носи живот исполнет со болка и трауми, неговата уметност останува непокорна, длабока и инспиративна. За македонската публика – ова е повеќе од концерт. Ова е долгочекуван настан што ќе се памети со години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни