Ние сме од Скопје 1984

Текстот кој ќе го прочитате е оригинално напишан во 1984, од едно од водечките пера на југословенското рок новинарство, господинот Петар Јањатовиќ. Објавен истата година во популарниот музички магазин Рок, текстот претставува неверојатно вредна слика на тогашната македонска музичка сцена, која во тој момент потсеќа на сиров, необработен дијамант. Вредноста е уште поголема, поради фактот што добиваме приметливо независен, од емоции необременет поглед од страна, не само на музичката сцена, туку и на градот, во далечните, никогаш непрежалени осумдесетти години на 20тиот век. Вистински BLAST FROM THE PAST. Совршено темпирана посластица за љубителите на музиката и популарната култура. Култура, да… за да бидете култивирани.

Декември 1984: Го напуштам возот на станицата во Скопје. Сиво утро и збунетост од ненадејното будење. Прва, така класична помисла: доста се изградило (“важно да се гради” прим. прев.). На столбот крај автобуската станица плакат за Рок Фест-от и список на учесниците. Тоа е трета гитаријада која ја прават луѓето заинтересирани за рок музиката во овој град. Комплетна гужва од пријавени за оваа смотра. Доказ дека многу се свири.

Скопје му делува чудно на човек навикнат на стеснати и пренатрпани градови. Мноштво празни простори помеѓу чудно огромни градби. Различни стилови. Во ушушканиот, стар дел од градот – здив на Истокот. Кило пистачо – 150 илјади стари динари. Ќебапи на распродажба. По чајџилниците кркљаат некои народњаци. Спроти една кичаста продавница со рамки за гоблени, пицерија “Марлборо”, со адекватен потрошувачки изглед. Мирис на Западот. Контрастите се досадни. Градот изгледа како да е опериран од рокенрол.

Финалната вечер на Рок Фест 84та привлекува околу 1000 клинци. Одеднаш, од сите страни изникнуваат изразити претставници на сите контракултурни правци. Вечерта покажува дека како и обично, глупаво е да се донесуваат преуранети заклучоци. Од 46 пријавени бендови, после 8 финални вечери, имаме прилика да видиме што тоа по мислењето на жирито (музичари и новинари) е најдобро од новите снаги на македонската сцена.

Први настапуваат членовите на групата Кора. Бледи и неуверливи.

Урбан покажуваат дека имаат добар тапанар, гитаристот добро манипулира со дисторзиите, но сето тоа го уништува пејачот, кој е нормално е лоша копија на Bruce Springsteen.

Хомосапиенс делуваат мошне коректно, но сето тоа така заедно е поприлично здодевно.

Бош со себе донеле автобус навивачи, но се друго околу нив никогаш нема да влезе во легендите.

Луј – збирштина на солидни инструменталисти кои љубат џез-рок. Ало, екипа! 1984 година е!

Инола Икс прикажува кохерентно спакуван поп, отприлика на трагот на Сломљена Стакла. Пејачот (Ристо Вртев прим. прев.) и покрај доста ефектниот шминкерски раздељак на фризурата поседува несигурен глас, кој тешко може да се улови на наборите од музичката завеса.

За Психо велат дека ова им е втор настап во живо. Храбро. Особено кога во публиката има толку навивачки расположени деца. Се движат помеѓу фанк и техно-поп. Вистинско чудо за македонската сцена е што на синтисајзер им свири девојка. Приметливо е збунета и исплашена и за цело време на настапот ја држи главата нурната во копчињата. Нејзината пријателка од бендот храбро ги носи вокалните делници, но и привлечните двобојни чорапи, нагласени со мини-мини сукња. Солиден глас и однесување на сцена. Ако ме прашате каков е тип, па помеѓу Марина Перазиќ (Denis & Denis) и Весна Врандечиќ (Xenia), ако е такво нешто изводливо. Не би ме изненадило ако Психо успеат.

На бескрајната трака доаѓаат на ред Бадмингтонс. Трио. Гитаристот изразито панкерски надразнет, плус оцерен и и расположен клавијатурист, додека тапанарот не се гледа. Трга неочекувано лудило. Панкерско пеење и потполно одвалено, мошне духовито млатарање по клавијатурите. Необично. Интересно. Охрабрувачки. Момциве би можеле да поразговараат со Која од Дисциплина Кичме.

Групата Тумба поштено ја загреа публиката и работи како швајцарски саат. Препознатливи елементи на хотелски хеви метал, омекнат со певливи рефрени. Уиграна иконографија на гитарски херои и маниризам, доволно добро познат од бавчата на Дивите Јагоди. Добро не се бунам, публиката тоа го сака. Момците се необично млади, но сигурни и делуваат одважно на бината.

За крај стигаат Падот на Византија, група настаната след персоналните промени во Бадмингтонс. Квартет облечен во црно, со опори текстови, силна експресивност, до теме нурнати во Joy Division. Мрак и црњак. Басистот и пејачот поседуваат baby face и накострешени панкерски фризури. Автентични и уверени во себе. Впечаток е дека се на добар пат.

Конечно доаѓа до пребројувањето на гласовите. На мое изненадување и задоволство, триумфираше алтернативата. Прво место според жирито Бадмингтонс. Прво место според публика: Падот на Византија. Жирито уште вели: второ место Урбан, трето Тумба. Публиката не се дава: второ место Психо, Трето Луј. Најперспективна група: Психо. Најдобри текстови по мислењето на Комитетот на Сојузот на Социјалистичката Младина напишале Бадмингтонс. Сепак нешто се менува.

Оваа смотра покажа дека луѓето се добро информирани и заинтересирани за многу различни жанрови. Поимите се расчистени. Повторно се докажа старата вистина дека Македонија има голем потенцијал на добри музичари, но шкрипи кај надградбата. Дали е проблем оддалеченоста од дискографските центри, или шкрипи нешто во концепциите во главата? Одговор сеуште не се надзира. Ме збунуваше што во текот на концертите музичарите беа претерано сериозни. Дали е тоа поради трема и несигурност, или поради тоа што предлабоко ја сфаќаат својата месијанска појава? Од ова ги исклучувам Бадмингтонс и Тумба, кои одлично се забавуваа додека свиреа. На победничките групи им е ветено бесплатно снимање во Радио Скопје. Македонија сеуште нема ниту едно приватно демо-студио, сепак гитаристот на групата Урбан ми соопшти дека наскоро отвара свое. Се зборува дека во Радио Скопје е многу тешко да се снимат нумери ако текстот не е на македонски, па бендовите кои планираат југословенска популарност се снаоѓаат така што снимаат во Радио Приштина. Ревијата Екран, која заедно со Домот на Млади 25ти Мај (денешен МКЦ Скопје) ја организираше оваа смотра, им обезбеди публицитет на групите, а понатаму борбата е на бендовите. Македонските музичари и понатаму патат од комплексот дека немаат своја дискографска куќа, но сите трезвени луѓе од браншата мошне аргументирано ми објаснија дека е глупо да се стартува фирма која од старт би работела со губитоци.

Ова отприлика беше смотра на третата лига на македонски музичари. Првата лига (грубо речено) ја чинат Леб и Сол, Бастион (кои нестрпливо ја чекаат својата прва, одамна снимена плоча за ПГП-РТБ) и Конкорд. Втората лига ја чинат прекалени музичари кои флуктуираат од бенд во бенд, веќе подолго тражејќи го сопствениот израз. И третата, за која штотуку слушнавте најштури податоци.

По дводневниот престој во Скопје, особено за некој кој прв пат доаѓа таму по екскурзијата во 8мо одделение, многу нешта се појасни. Зарем не?

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни