Антонио Грујевски, архитект

Ние сме новата генерација и заедно мораме да ги донесеме промените и прогресивните движења во градот и државата

Антонио Грујевски со проектот „Лотос за неа“ (“Lotus 4 Her”), победи на архитекстонскиот конкурс „Скопје на новата генерација“ организиран од страна на Јуроп хаус. Проектот претставува визионерски пејзаж и реставраторски проект чија цел е зајакнување на зелената одржливост во урбаното ткиво на Скопје, притоа оддавајќи почит на жените-архитекти, пионери во областа, кои одиграа клучна улога во обновата на постземјотресно Скопје во 1963 година. Омилен објект од Скопје му е ГТЦ заради потенцијалот, а Скопје од неговите соништа е главен град кој ќе биде нова вредност и придобивка за Европската Унија. „Со реализација на проектот ќе се презентираат сите клучни придобивки од прогресивните идеали на Европската Унија. Архитектурата во Скопје ќе се придвижи напред кон современите трендови низ светот, а не назад кон својата комплицирана историја. Со реализација на проектот ќе се охрабрат и другите колеги да придонесат во креирањето на слични или подобри решенија од кои жителите на градот ќе имаат придобивка. Скопје ќе ја потврди титулата Европски град на културата за 2028 година“, изјави за Трн, Антонио Грујовски, архитект кој живее и работи на релација Скопје – Загреб.

Трн: Во Загреб сте отидени за студии или таму живеете?

Антонио: Еве ќе ви споделам неколку лични информации. Имам хрватско потекло и член сум на Заедницата на Хрвати во РСМ. Моите предци, како дел од партизанското движење, учествувале во борбите за ослободувањето на Загреб. Загреб е мој дом, исто толку колку што е и Скопје. Овде работам, живеам и секако ги завршив своите архитектонски студии.

Трн: Можете ли да направите паралела меѓу Загреб и Скопје со оглед на тоа што Загреб го нарекоа новото Скопје алудирајќи на новоникнатите градби?

Антонио: После земјотресот во Загреб, кој се случи во 2020 година, Хрватска одлучи да го зачува старото јадро на градот и пристапи кон негова реконструкција. Спротивно на ова, по земјотресот во 1963 година, тогашното раководството на СР Македонија одлучи да го сруши историското јадро на град Скопје. Според мене, главните проблеми на денешно Скопје произлегуваат од таа постапка. Во моментов, Загреб е доста интересен град за младите архитекти и мене ми е многу драго што учествувам во неговата обнова.

Трн: Симболика и значење: Можете ли да елаборирате за симболиката зад дизајнот на лотос? Какво значење има за Скопје и како резонира со идентитетот на градот?

Антонио: Просторот околу фонтаната „Лотос“ е симбол на младите во градот. Околу 70% од истите го користат своето слободно време тука. Тука се случува првата љубов, првите бакнежи и секако првите пијанства и забави😊. Со мојот проект, сакав да се потсетам на убавите настани и случки кои ги имам во меморијата од овој простор, но и да креирам дополнителни вредности со што ќе придонесам во создавањето на сите идни спомени и емоции на генерациите кои допрва доаѓаат. Скопје тоа секако го заслужува!

Трн: Интеграција со градот: Како „Лотос за неа“ ја надополнува или подобрува околината и целокупната естетика на Градскиот парк Скопје?

Антонио: Проектот „Лотос за Неа“ пред се е и реставраторски проект. Морам да нагласам дека кога се пристапува кон реставрација на проект од модерната, важат различни правила, во споредба со правилата за градбите создадени пред 20-тиот век. Имате повеќе слобода и дозвола за современа адаптација. Така со проектот се враќа оригиналниот изглед на плочникот, но со помош на еколошки, современи материјали. Дополнително, се реконструира и изгледот на фонтаната со помош на оригиналните скици на авторката Мирјана Милановиќ-Волињец (1938-1982).

Трн: Кои беа главните предизвици со кои се соочивте за време на процесот на дизајнирање и како тие беа надминати?

Антонио: Времето е најголемиот непријател на архитектот. Менаџирање со истото е секогаш еден голем предизвик. Идејата ја добив во секунда, а решението го искицирав за 15 минути. Меѓутоа, на проектот работев секој ден од објавувањето на конкурсот во своето слободно време. Го предадов последниот ден, околу 21:00 часот. Секогаш кога креирате, се преиспитувате и постојано се корегирате, сé до најситниот детал. Временски сето тоа е исцрпувачко, но дава солиден резултат.

Трн: Размислувања за животната средина: Дали одржливоста и влијанието врз животната средина беа клучни размислувања во дизајнот? Ако е така, како ова беше интегрирано во конструкцијата на фонтаната?

Антонио: Предизвиците како климатските промени, енергетската независност и загадувањето ќе бидат главни теми во првата половина на 21-виот век. Европската Унија има план и активности за намалување на CO2 емисиите до 2050. Нашата држава мора да се приклучи кон спроведување на истите. Сите идни проекти мора да бидат во согласност со 6те точки од ЕУ Таксономијата.

Со мојот проект предвидувам и еколошка реставрација на некогашното езерце кое изобилувало со лотосов цвет и било инспирација за изгледот на фонтаната. Со враќање на еколошкиот диверзитет на местото, дополнително создавам и една еко – безбедносна бариера околу фонтаната, заради заштита од било какво вандалство во иднина.

Предвидувам и создавање на зелен меморијален парк за жените архитектки и градителки кои имале огромен придонес во обновата на градот после земјотресот.

Проектот содржи и самоодржлива урбана фарма, простор за полнење на електрични автомобили и велосипеди, машини за рециклирање пластика, LED осветлување, USB – C соларни полначи и план за заштита на пчелите во паркот.

Трн: Какво е чувството да се победи на архитектонскиот натпревар? Што значи ова признание за вас лично и за вашата кариера како архитект?

Антонио: Јас сум истиот млад човек како и пред победата. Секое утро одам со истиот трамвај на работа, го пијам истото кафе со колегите, го јадам истиот појадок и комуницирам со истите луѓе блиски до мене. Чувството е секако прекрасно и многу ми драго што донесов нова свежина на архитектонската сцена кај нас. Ова е мој прв конкурс на кој учествував како индивидуалец. Тоа ми претставува особена чест и задоволство и сатисфакција за самопожртвуваноста во работата. Кариерата во Загреб и пред натпреварот ми беше во солидна форма, но сигурен сум дека ова ќе забрза одредени процеси на личен план.

Трн: Ја делите ли визијата со Кензо Танге?

Антонио: Не. Кензо Танге е архитект  на 20-тиот век, а ја сум архитект на 21-виот век. Мора еднаш да признаеме дека како и во многу други модернистички градови испроектирани во тој период, проектот на Танге е неуспешен и утопистички. Во тие градови главниот фокус е ставен на автомобилот, а големите нефункционални зелени површини денес се користат од страна на урбаната мафија, за да се задоволат капацитетите на домување, не само кај нас, туку и низ целиот свет. Сите кои тврдат дека во луѓето е проблемот и дека оригиналната замисла на проектантот не била таква каква што е денес, не го согледуваат аспектот на реалниот живот и навиките кои проектантот не ги предвидел.

Трн: Имате ли омилен правец од архитектурата?

Антонио: Со проучување на теоријата на архитектурата, може да се согледа дека низ историјата од секогаш постоела борба помеѓу традиционалните и модерните стилови. Во втората половина на 20-тиот век се појавуваат пост – модернистите кои прават стилска мешаница и тој правец денес се смета за кулминација на таа борба. Во 2009 година данската архитектонска фирма „BIG – Bjarke Ingels Group“ преку изложбата – Yes is More: „An Archicomic on Architectural Evolution“, ја промовира третата опција со предлог за зелени, позитивни и самоодржливи решенија, решенија од кои луѓето навистина имаат докажани придобивки. Денес, секои архитект има слобода да припаѓа каде и да сака, да креира и смислува што и да сака и тоа е супер и така треба да биде, но сакале или не сакале, зеленилото ќе биде новиот орнамент на првата половина на 21-виот век и јас секако дека се приклучувам на тие нови трендови.

Трн: Која градба или објект ви се омилени од Скопје?

Антонио: ГТЦ, но, не поради неговиот изглед форма или функција, туку поради потенцијалот кој го нуди за некои идни креативни решенија. Сметам дека треба и мора да се даде шанса на новата млада генерација, да го ревитализира тој простор.

Трн: Идни проекти: Можете ли да споделите какви било претстојни проекти или аспирации што ги имате како архитект, со оглед на успехот на „Лотос за неа“?

Антонио: Моментално сум ангажиран со работа на проект за изградба на нова детска градинка во еден помал град во Хрватска. Би сакал во иднина да соработувам со некој млад креативец или колега во Скопје и заедно да креираме нешто радикално за градот. Еве за пример, Давор Кешќец. Пред некоја година, заедно имавме разговор за архитектонскиот нет простор MARH, на тема генерација Z. Едноставно, ние сме новата генерација и заедно мораме да ги донесеме промените и прогресивните движења во градот и државата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни