Лабина Митевска, глумица и продуцентка која ја започна кариерата со маестралната улога во „Пред дождот“ за да многу брзо го надмине успехот на филмот и создаде многу нови успешни приказни, пред се како продуцентка позната и призната на европската и светска филмска сцена. Како признание за нејзината уметност и работа, е годинешната наградата за меѓународна копродукција на Еуримаж 2024 на 37-те Европски филмски награди во Луцерн, Швајцарија, признание кое вели е награда за нејзината лудост. „Лично ја сфаќам како сатисфакција за вложената енергија, чесноста и професионалноста со кои сум ја изградила својата репутација во европските филмски кругови и наградата е поттик не само за мене, туку за сите европски продуценти да продолжиме да соработуваме преку сите технички и административни бариери и да се бориме за филмската уметност“ , вели Лабина за Трн. Со неа разговаравме за филмската индустрија во Македонија, за филмските трендови во светот, за тоа како се менува улогата на жените во филмската индустрија, за приватната страна на животот, личните амбиции и новогодишни резоулуции…
Трн: Да се осврнеме на 2024 година, кои беа најзначајните моменти и предизвици со кои се соочивте оваа година? Ja доби наградата за меѓународна копродукција на Еуримаж 2024 на 37-те Европски филмски награди во Луцерн, Швајцарија. Koлку оваа награда е значајна за тебе и за твојата досегашна работа полето на филмот?
Лабина: Изминатата година беше една од најстресните и најнапорните, но се подразбира и најпродуктивните години во мојата кариера. Снимивме два филма, едниот од Дина Дума, другиот од Теона Митевска, два неверојатни проекти, но и едниот и другиот со свои посебни барања. Дина се зафати со една особено тешка социјална драма која навлегува во Ромската култура, додека Теона се реши да се расправа со една неверојатно комплексна психолошка драма и подлабоки филозофски и теолошки прашања инспирирани од животот на Мајка Тереза. Предизвиците со кои требаше да се справувам како продуцент беа едни од најкомплексните со кои сум се сретнала и да правев само еден од овие два филма во една година ќе беше доволно напорно, ама мене ми се падна да ги правам еден по друг. Како награда за лудоста ми дојде наградата на ЕФА. Ова е секако најпрестижната и најзначајната награда што може да ја добие еден продуцент во Европа и многу ме направи среќна признанието за мојот повеќедецениски труд како продуцент кој работи низ цела Европа од Скандинавија до Турција, од Балкан до Германија, Франција и Белгија. Лично ја сфаќам како сатисфакција за вложената енергија, чесноста и професионалноста со кои сум ја изградила својата репутација во европските филмски кругови и наградата е поттик не само за мене, туку за сите европски продуценти да продолжиме да соработуваме преку сите технички и административни бариери и да се бориме за филмската уметност.
Трн: Гледајќи наназад, кои се клучните моменти или постигнувања во твојата кариера на кои си најмногу горда?
Лабина: Од самиот почеток со оваа работа ми стана јасно дека ко-продукциите се неизбежни, најполезни и најважен аспект од нашата работа, особено од мала земја со скромни филмски, финансиски и технички капацитети. Креативноста е нешто сосема различно, но ако не го спакувате продуктот на филмската креација на соодветен начин тогаш сте го оштетиле сериозно. Од многу млада сум соочена со големи успеси и големи предизвици и опасноста кои ги носи општествениот феномен на славата и некако успеав да се заштитам од восхитот и лажното задоволство кои се многу опасна стапица во која лесно може да се изгубите себеси. Најгорда сум што никогаш не ме водело среброљубие, слава, популарност, трендови, туку сум опстојала да ги зачувам најважните и најчистите уметнички мотиви како двигатели на мојата кариера.
Mee too движењето ја намали глупавата сексуализација на женските тела на филмското платно
Трн: Како што влегуваме во 2025 година, кои се твоите цели и аспирации за наредната година?
Лабина: Уфффф!!! Фестивали и промоција на овие два прекрасни филма. Малце гламур, ха, ха, ха… цинично се разбира. Како продуцент тоа е се така стресно и потресително, ама не е важно. Да се надеваме дека ќе има поводи за носење убави фустани и понекоја здравица! Секако, филмските проекти се циклуси кои траат подолго од она што се гледа како краен резултат, па подготовката на повеќе проекти кои се во разни фази на развој никогаш не престанува.
Трн: Кој совет би им го дале на младите амбициозни актери и актерки кои ве гледаат како пример? Во твојот говор ја спомената улогата на жената во филмската индустрија. Како гледаш на таа улога денес? Се имаат ли поместено границите во однос на статусот и улогата на жените во филмската индустрија во земјава? Сведоци сме на се повеќе жени кои творат на свој препознатлив начин овде, но дали е тоа доволно?
Лабина: Најопшти најважен совет е секако да се наоружаат со знаење и да се водат од љубовта кон уметноста која на овој или оној начин ќе го најде патот до креативноста. Секако, подгответе се за многу, многу напорна работа. Но, не смее да се заборави дека актерството е многу неблагодарна професија доколку не сте на самиот врв. Особено за жените чиј што “рок на употреба“ е многу краток. Моето вртење кон продуцентството произлезе токму од таа свесност. Но, тоа е мојот пат. И од тогаш до денес работите се менуваат, но не доволно брзо. Mee too движењето почна да ги менува работите и денес сведочиме на се порамноправно учество на жените во филмската индустрија како и на намалување на глупавата сексуализација на женските тела на филмското платно, иако е сеуште присутна кај голем број автори, но како тренд очигледно е тоа опаѓање. Порастот на жени автори секако помага да се напуштат тие стереотипи и предрасуди кон актерките.
Уметноста не учи да ја збогатуваме духовната димензија на нашето живеење
Трн: Може ли уметноста и филмот да го променат светот? Да му дадат друга перспектива?
Лабина: Кога не би било така тогаш животот би бил сведен на една проста и животинска борба, како што капитализмот би сакал да не убеди дека е врвот на човечкото достигнување изразено како поседување на коли, телефони, куќи, пари. Затоа е тука уметноста, да не научи да просудуваме, да се исмеваме и критикуваме, да нудиме визии и алтернативи, да ја збогатуваме духовната димензија на нашето живеење, да не осмисли и надгради.
Трн: Како успеваш да ја балансираш професионалната и личната страна на животот, особено во текот на празничната сезона?
Лабина: Па балансирам, односно балансираме, успешно. Пред се, се наспивам, особено во текот на празничната сезона. Па си се дружиме, си муабетиме, си помагаме, си се “мешаме“ во работата едни на други со совети и со поддршка во тешките моменти и вежбаме и практикуваме многу трпение и разбирање едни за други. Во последниве години се научив да запрам, да си ја оставам вечерта за моите, да си земам викенд, да престанам да проверувам пораки, да одговорам утре наутро, во понеделник, да си оставам време за најсаканите.
Трн: Може ли да споделите некои запаметени новогодишни одлуки (резолуции) кои си ги имала во минатото и дали успеа да ги постигнеш?
Лабина: Постојано планирам и исполнувам планови, така да Нова Година нема кога да се уфрли за да допрва носам клучни одлуки.
Трн: Како планираш да ја прославиш Новата година оваа година?
Лабина: Домче, со неколку блиски семејни пријатели, со многу салати и добро вино.
Успеваме да создаваме филмови!
Трн: Кое е твоето мислење за актуелната состојба на филмската индустрија во Македонија, а и регионот? Што е тоа што ја прави македонската кинематографија уникатна според тебе и кој е најголемиот предизвик на филмската индустрија кај нас во денешно време?
Лабина: Ние сме едно чудо од земја! Успеваме да произведеме филмска уметност која одекнува посилно надвор од дома, и воопшто – успеваме да создаваме филмови! Имаме несомнен креативен потенцијал, имаме некои несредени, крупни несредени состојби, процедурално заглавени, и многу многу скромни финансии. Филмот е многу скапа уметност, но филмот е и професија и индустрија, вработува многу луѓе. Кога „трошите“ пари за филм, исплаќате стотици филмски професионалци. Кога ќе искочи филмот, кога ќе добие некоја награда, кога ќе „прошета“ по фестивали, кога ќе отиде во кино сали, кога ќе искочи рецензија, кога ќе се отвори дискусија тогаш филмот го виори знамето на Македонија пред себе, ја претставува, ја промовира и тоа со пари не се плаќа. Во регионот се инвестира многу повеќе отколку кај нас, а ние сепак имаме многу забележителни успеси. Мора да се средат многу работи и сигурно ќе добиеме многу повеќе „додадена вредност“ за возврат. Ако сме свесни за тоа.
Трн: Кои се актуелните трендови во светскиот филмски и телевизиски простор? Може ли Македонија да се вклопи во тие трендови?
Лабина: Промените се многу големи со растот на стриминг платформите и лавината од понуди кои тие ја нудат како забава за масите. Иако кино прикажувањето се очекуваше да изумре, особено за време на пандемијата, бројките кои доаѓаат од Европа тоа го оспоруваат и се многу охрабрувачки. Ја истакнувам Европа заради задржувањето на комплексните и некомерцијални содржини кои сепак ги полнат кино салите. Вклучувањето на Македонија е секако дополнително оптеретена со јазичната бариера која е тешка равенка за решавање, но квалитетната содржина наоѓа секогаш начин да ја премости. Но уште поважно, ние не го препознаваме клучниот момент на развој во развојот на еден таков проект а тоа е разработката на едно сценарио, филмско или телевизиско, ние во тоа не знаеме да инвестираме, ни средства ни време. А тоа ја прави разликата кога барате некакви гаранции за успешност.
Трн: Дали има посебен проект или улога која со нетрпение ја очекуваш во претстојната година?
Лабина: Секој проект кој го работам е посебен и најдобар досега, така да и оние во подготовка се сигурно најдобри. Возбудата е во тоа што постојано барам нешто ново како предизвик, како тема, како пристап, како израз. За прв пат сериозно се зафатив со развој на неколку серии, сите се во различни фази на подготовки, и ќе видиме како ќе се размотува клопчето.