Интервју со Златко Ориѓански

Mора да се отвориме кон сите соседи, кон сето она што е денешен свет

21 век сме и нашите луѓе мора да разберат, дека ние си требаме едни на други. Треба многу да се работи на разбивањето на таквите стереотипи. Лесно е човек да кажува фрази за некакви мостови, тешко е мостот да се изгради.

Трн: КИЦ на Северна Македонија во Тирана постои кратко време, но се чини дека станува носечки столб на културната размена меѓу двете земји. Кој е тимот на КИЦСМ Тирана со кој се спроведуваат сите активности?

Златко: Започнав од нула. Овде во Тирана, центар немаше. Беше 5 ти јануари, врнеше дожд, живеев во хотел. Најпрво морав за 15 дена да најдам стан, потоа барав простор за нашиот КИЦ, меѓутоа, мислам дека брзо се снајдов во овој тогаш мене недоволно познат град. На крајот од април беше формирана нова, наша, дипломатска институција. Кој е тимот? Јас сум тимот хаха, немам секретарка, шофер, помошник, овде сум сам. Понекогаш, знае тоа да биде комплицирано, но со некој голем мерак ја работам оваа работа и добро оди.


Трн: Со каков багаж дојде Златко Ориѓански во Тирана? Што спакува во куферите во Скопје, а што отпакува во Тирана?

Златко: Со себе, носев 40 годишна работа во она што е музика и 30 години искуство од работа во државна служба, двете нешта, многу ми помагаат во мојата денешна работа. Овде со мене е мојто семејство. Земав дестина мене драги книги и еден хард диск со разни музики.


Трн: Народен театар-Битола настапи на сцената Artturbina на Народниот театар во Тирана со изведба на претставата „Артуро Уи“ од Бертолт Брехт, во режија на Ќендрим Ријани. Сите ја видовме преполната сала и овациите по изведбата, кога претходно во Тирана гостувал македонски театар?

Златко: Триесет години, овде во Тирана немаше гостувано македонски тетар. После толку многу време, успеав да договорам гостување на Битолскиот театар, кој на сцена зборуваше на македонски јазик (се разбира, имаше титлуван превод на албански). Ова беше сериозно голем и комплициран настан, кој бараше многу работи за да се склопи. Од Битола стасаа 40 тина луѓе, камион, автобус, хотели, сценографии, плакати. Пред тоа, состаноци со директорот на театарот, како ке биде, што ке биде… Морам да истакнам, дека во овдешниот театар наидов на прекрасен прием и голема поддршка. Резултатот беше брилијантен.

Битолски театар во Тирана

Трн: Кој настан во КИЦСМ Тирана ти е најдраг? Колку македонски уметници, музичари до сега се претставиле преку КИЦСМ?

Златко: Има еден интересен феномен, кога доаѓаат наши уметници во Тирана, најголем дел од нив, никогаш не го посетиле овој прекрасен град и доаѓаат со недоверба. Добивам разни прашања, дал во хотелот има вода, дал ке има струја, дали овде има опрема за нивниот настап, дали ке дојде публика хаха Изненадени се откако ке видат дека ова е светски, европски град со сериозна инфраструктура, овде има прекрасен и културен свет. Досега, разни артисти поминаа, Влатко Стефановски кој никогаш пред тоа не свирел во Албаниа, писателот Јордан Плевнеш, сликарот и дизајнер, Зоран Кардула, групата Фолтин, хорот Менада, филмот Медена земја, Битолскиот театар, групите, Фолтин, Љубојна, овде ги промовиравме македонски ајвар, крушевскиот локум, виното од Тиквеш, итн, итн…Допрва започнува мојата работа.


Трн: Дали дури сега почнува да се руши невидливата бариера која постои со децении меѓу културните работници и творци од двете страни на границата? Зошто толку малку знаеме ние за нашите соседи, а и тие за нас?

Златко: Комплицирани се односите на Балканот уште од време, има недоверба и меѓусебно непознавање. Овдешните луѓе се многу отворени за се што е ново и непознато. Денес е 21 век и нашите луѓе мора да разберат, дека ние си требаме едни на други. Треба многу да се работи на разбивањето на таквите стереотипи. Лесно е човек да кажува фрази за некакви мостови, тешко е мост да изградиш.
После неколку години мој живот и работа овде во Република Албанија, можам слободно да ви речам, дека она што беше Куба за Хемингвеј, островот Хидра за Леонард Коен, тоа е за мене оваа прекрасна земја и племенит народ. Ние мора да се отвориме кон сите наши соседи, мора да се отвориме воопшто кон она што е денешен свет. Илузија е да мислиме, дека само ние сме се селеле, само ние сме имале некаква, крвава судбина. Сите народи на Балканов, поминале такви и можеби уште пострашни денови.

Трн: Се чини дека Тирана станува твоја инспирација, а ти си во неа прифатен како дел од културната сцена. Каде, во Тирана, се најубави утрата, а каде сакаш да ги минуваш вечерите?

Златко: Тирана е моја голема љубов, наскоро, надвор од мојата работа како директор на културниот центар, мислам дека ке започнам со снимање на албум со едни прекрасни, тирански свирачи. Овде спроти центарот има езеро, таму е убаво за првото утринско кафе. Тирана е град, преполн со тајни улички, пазари, места што никаде не можеш да ги најдеш, освен овде.


Трн: Што следно сонува Златко?

Златко: Во соработка со нашето Министерство за култура, дојдов на идеа да донираме една скулптура на градот Тирана, како подарок од нашата земја, како знак за поврзување на нашите пријателски народи, како спомен дека живеев и работев овде во овој град. Оваа работа веке е влезена во процедура и наскоро, тоа ке го направиме на свечен начин.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни