Од утре се очекува значителна промена на временските услови во Македонија, како резултат на продор на многу студена воздушна маса од север кон јужна и југоисточна Европа. Ова ќе доведе до формирање на длабок циклон над Џеновскиот залив, кој ќе го прошири своето влијание и над Балканскиот Полуостров, вклучувајќи ја и земјата.
Како последица на оваа временска состојба, во Македонија ќе има обилни врнежи од дожд, засилен до силен ветер и нагло заладување. Најнестабилно се очекува да биде кон крајот на четврток и во текот на ноќта кон петок (26/27 март), кога процесите ќе се интензивираат.
Во првите фази, врнежите ќе бидат претежно од дожд, најпрвин во западните делови, а потоа и во поголем дел од државата. Повремено тие ќе бидат пообилни и поројни, со можност за ретки грмежи. Во одредени региони се очекува локално да наврнат над 25 литри на метар квадратен дожд.
Ќе дува засилен до повремено силен ветер од јужен и југоисточен правец, кој локално може да достигне брзина и над 60 км/час. Во вакви услови, на одредени места процесите може да добијат карактеристики на невреме.
Со падот на температурите, врнежите на планините и на повисоките места над 1000 метри надморска височина ќе преминуваат во снег. Таму се очекува формирање снежна покривка од над 15 сантиметри. Во западните и северните делови од земјата постојат услови снежната граница да се спушти и под 1000 метри, што значи дека влажен снег може да се појави и во повисоките населени места.
Во Скопје и околината во истиот период ќе има врнежи од дожд, проследени со засилен ветер од јужен и југоисточен правец, кој локално ќе надминува 60 км/час. Поради заладувањето и влијанието на студениот воздух, врнежите постепено ќе преминуваат во снег во околните планински подрачја.
Најизразен пад на температурите се очекува во петок, 27 март, кога максималните дневни вредности ќе се движат од 6 до 14 степени. Во Скопје, максималната температура ќе достигне околу 11 степени.
Метеоролозите предупредуваат дека ваквата нагла промена на времето бара зголемена внимателност, особено во сообраќајот и при активности на отворено, поради комбинацијата од врнежи, ветер и значително заладување.