Силно невреме со обилни врнежи од дожд го погоди Њујорк, при што загинаа две лица, потврди градоначалникот Ерик Адамс. Невремето предизвика сериозни прекини во авионскиот сообраќај, а метеоролошките служби издадоа предупредувања за поплави во повеќе делови на градот.
Локалните медиуми известуваат за бројни поплавени улици и материјална штета, додека властите на трите главни њујоршки аеродроми – JFK, LaGuardia и Newark – соопштија дека летовите се одложени или откажани поради лошите временски услови.
„Оваа олуја постави нов рекорд за количина на врнежи на 30 октомври“, објави градоначалникот Адамс на платформата X. Тој додаде дека поголемиот дел од најавените врнежи, кои требало да паднат во текот на неколку часа, се истуриле во само десет минути.
Torrential rain brought significant flooding to parts of New York and New Jersey on Thursday.
— ABC News (@ABC) October 31, 2025
According to NYC Emergency Management, the National Weather Service reported that 1.8 inches of rain fell in Central Park on Thursday. pic.twitter.com/1bB8WjsbNk
Рекордни количини дожд
Според податоците на Националната метеоролошка служба, во Централ Парк биле измерени 4,7 сантиметри дожд, на аеродромот LaGuardia 5,31 сантиметар, а на меѓународниот аеродром Newark Liberty во Њу Џерси – 5,05 сантиметри. Ова се најголемите количини на врнежи измерени за овој датум во историјата на градот.
Метеоролозите издадоа предупредувања за поплави во крајбрежните делови на Бронкс, Бруклин и Квинс, повикувајќи ги жителите да избегнуваат патување и да останат во своите домови доколку е можно.
Во некои делови на градот пријавени се прекини на електрична енергија, додека спасувачките служби во текот на ноќта интервенирале на повеќе локации каде водата го поплавила подземниот сообраќај и приземните делови на згради.
Ова е втората голема олуја што го погодува Њујорк оваа есен, по септемвриските поплави кои исто така предизвикаа значителни штети. Градските власти најавија дека ќе извршат проценка на инфраструктурата и ќе ги ревидираат системите за одводнување со цел да се намали ризикот од идни поплави.
Градоначалникот Адамс им изрази сочувство на семејствата на загинатите и повика на внимателност:
„Ова е потсетник дека климатските промени веќе се чувствуваат и дека мораме да бидеме подготвени на сè почести и поинтензивни временски непогоди.“
 
				 
				 
								 
								 
								 
								