Силно невреме ја погоди Херцеговина попладнево, носејќи град, дожд и грмежи, додека во делови од Босна и Херцеговина врнежите преминаа во снег. Метеоролозите издадоа предупредување за интензивни временски услови.
Невремето кое беше најавено од метеоролозите пристигна попладнево во Херцеговина, при што во повеќе градови беа забележани обилни врнежи од дожд и силен град.
Во Мостар, покрај интензивниот дожд, паднал и град проследен со грмежи и силен јужен ветер. Слични сцени се забележани и во Неум и Меѓугорје, каде што граѓаните сведочеле на големи количини ледени зрна кои ја покриле земјата.
Федералниот хидрометеоролошки институт издаде портокалово предупредување за целата земја поради засилени ветрови и обилни врнежи.
Во северозападните делови, особено во Краина, дождот постепено преминува во лапавица и снег. Според прогнозите, во овие региони се очекуваат до 40 сантиметри снег, додека во планинските области на централна Босна се најавени до 15 сантиметри.
Силен ветер со брзина од 40 до 75 километри на час дополнително ја отежнува ситуацијата, особено на отворените подрачја и планинските превои.
Во Брадина, патиштата се веќе покриени со снег, а видливоста е значително намалена. Сообраќајот се одвива отежнато, што претставува ризик за возачите.
Метеоролозите предупредуваат дека нестабилното време ќе продолжи и во наредните часови, особено во повисоките предели. На возачите им се препорачува внимателно возење, прилагодување на брзината и користење зимска опрема.