Силното невреме во Босна и Херцеговина предизвика прекини на струја и зголемени водостоји. Најпогодени се северозападните делови од земјата.
Повеќедневното невреме и снежните врнежи предизвикаа сериозни проблеми во делови од Босна и Херцеговина, вклучително и прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Најтешка е состојбата во Унско-санскиот кантон, каде повеќе градови останаа без струја, соопшти Електростопанството на БиХ.
Покрај прекините, невремето предизвика и пад на дрвја на патиштата, што дополнително го отежнува сообраќајот, а во одредени подрачја има и проблеми со телефонскиот сигнал.
Прекини на струја се регистрирани и во планинските области Бјелашница и Игман, како и во повеќе општини во централна БиХ, меѓу кои Вареш, Олово, Завидовиќи, Маглај и Жепче, како и во делови од Херцеговина, вклучително и Коњиц.
Истовремено, поради дождот и топењето на снегот, водостојот на реките е во пораст. Агенцијата за водно подрачје на реката Сава предупреди на можни поплави, особено во сливовите на реките Сана и Спреча.
Во Прњавор, водата веќе се излеа од коритото на Сана и поплави околни објекти.
Сообраќајот низ целата земја се одвива отежнато, особено на планинските превои, каде важат посебни ограничувања за товарните возила.
Надлежните апелираат на внимателност и следење на препораките, додека службите се на терен и работат на санирање на последиците.