Невработени млади во Кина плаќаат за да седат и глумат работа во канцеларија

Во Кина се шири необичен феномен во кој се повеќе млади луѓе, поради економското успорување и високата стапка на невработеност, плаќаат компании за да можат да седат во канцеларија и да глумат дека работат. Оваа појава е последица на над 14% невработеност меѓу младите и се смета за начин на одржување дисциплина и социјална комуникација.

Шуи Џоу (30) од градот Донггуан, кој минатата година го затвори својот мал угостителски бизнис, од април плаќа по 30 јуани дневно (околу 3,60 евра) за да биде дел од „Компанијата за глумење работа“. Во опремена канцеларија, со компјутери, интернет и просторија за состаноци, тој се дружи со уште пет „колеги“. „Се чувствувам среќно, како да работиме заедно“, вели Џоу и додава дека ова му помага да ја задржи дисциплината.

Тие компании за „глумење работа“ нудат простор за млади луѓе кои сакаат да ја избегнат изолацијата дома, а некои од нив всушност бараат работа или развиваат мали проекти. Цената се движи од 30 до 50 јуани дневно, а понекогаш вклучува и оброк и закуски. Повеќето „работници“ во овие канцеларии се дружат, разговараат и се забавуваат, па понекогаш остануваат и до доцна навечер.

Во Шангај, 23-годишната Ксаовен Тан се приклучи на оваа пракса со изнајмување работно место за еден месец. Иако дипломирала минатата година, таа уште не најде постојана работа. На нејзиниот факултет постои непишано правило дека доколку студентите не докажат дека се вработени или имаат пракса во рок од една година, нема да добијат диплома. Така, таа пратела фотографии од „канцеларијата“ како доказ, иако во меѓувреме пишувала онлајн романи за скромна заработка. „Ако веќе глумиш, глуми до крај“, вели таа со насмевка.

Сопственикот на „Компанијата за глумење работа“ во Донггуан, 30-годишниот Феију (псеудоним), вели дека продава „достоинство“ на оние кои не сакаат да се чувствуваат бескорисни. И самиот останал без работа поради пандемијата и затворањето на неговиот бизнис. Околу 40% од неговите клиенти се млади дипломирани кои треба да докажат пракса, додека другите се фриленсери и дигитални номади. Просечната возраст на корисниците е околу 30 години.

Феију признава дека овој бизнис можеби нема голема финансиска добивка, но го гледа како социјален експеримент. „Ако некого му помогнеме од лажна работа да почне вистинска кариера, тогаш проектот е успешен“, вели тој.

Шуи Џоу денес главно се посветува на учење вештини поврзани со вештачката интелигенција, забележувајќи дека сè повеќе компании бараат знаење во оваа област, па верува дека тоа ќе му помогне да најде вистинска работа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни