Десетици жители на населбата Паркбурт во холандскиот град Зандворт манипулираа со Google Maps со пријавување на своите улици како затворени за сообраќај со цел да ги пренасочат туристите и да ги намалат гужвите за време на викендите, објавува NH.
Оваа дигитална акција имаше за цел да го намали сообраќајниот притисок, но предизвика реакција од градските власти, кои потоа поставија предупредувачки знаци и им наложија на возачите да ја исклучат навигацијата и да ја следат официјалната P-рута.
Според мештаните, улиците во Паркбурт често се преполни со возила што возат со голема брзина за време на викендите, зафаќајќи вредни паркинг места.
Разочарани од, како што велат, пасивноста на градската администрација, жителите почнаа да ги пријавуваат своите улици како затворени преку Google Maps уште во април. Системот за навигација оттогаш почна да го пренасочува сообраќајот надвор од населбата.
„Општината ветува разни мерки, но според нас, премалку од нив се спроведуваат во пракса“, рече еден од жителите за NH.
Иако таксите за паркирање се зголемени, тоа не донесе конкретни резултати, вели тој.
Жителите ја опишуваат оваа акција преку Google Maps како „најмалку инвазивна мерка“ со која сакаат да извршат притисок врз властите.
Идејата е преземена од слична иницијатива во близина на познатите цветни градини Кеукенхоф, каде што локалното население исто така ги означи улиците како затворени за да го намали приливот на туристи.
Во Паркбурт, улиците беа дигитално „затворени“ неколку дена во текот на викендот, а потоа повторно „отворени“ на почетокот на работната недела.
Така, на пример, тие беа затворени во понеделник, но веќе беа достапни во вторник.
Градскиот советник Герт-Јан Блујс изрази незадоволство од овој потег на жителите.
„Тие ги префрлаат сообраќајните проблеми во други населби“, изјави тој за NH.
Како одговор, општината постави двојазични знаци на влезовите во градот со натпис „Navigatie uit, P-route volgen“ – на холандски и германски јазик: „Исклучете ја навигацијата, следете ја P-рутата“.