„Училиштата ќе мора да се менуваат.Никако веќе не треба да бидат затворени преку лето-туку напротив во соработка со општината,бирото,спортските друштва да се отворат и децата преку летото да стекнуваат многу нови вештини со кои ќе им се подобри нивниот социјален и когнитивен развиток.Летните школо треба да се предизвик и за наставниците и за родителите. училиштата мора да бидат отворени во лето во соработка со општините и спортските клубови за да се создадат структури за развојни вештини на децата — не само за одмор“, вели одделенската наставничка Татијана Мицевска Билал (ООУ „Петар Здравковски Пенко“)

Од друга страна психолозите апелираат дека во текот на летниот период, децата се соочуваат со: намалена стимулација и прекумерна употреба на електронски уреди; недостаток на дневна структура и социјална изолација.
„Летниот распуст, како период без утврдена училишна структура, влијае на психо-социјалниот развој на учениците. Отсуството на рутина и дневни обврски може да предизвика дезорганизација во секојдневието, нарушување на навиките за спиење и учење, како и намалена самодисциплина. Емоционално, децата може да искусат досада, раздразливост или осаменост, особено доколку недостасува социјална интеракција со врсниците.“ вели Љиндита Кољали, училиштен психолог.

Таа препорачува да се воведат балансирани дневни режими – спорт, игра, креативни работилници и социјални активности – за психолошка стабилност и развој на самодоверба и социјални вештини.
Катерина Димова, магистер по специјална едукација, семеен системски советник и основач на Центарот за здрав раст и развој „Неуроклиник“, укажува на сериозните психолошки последици од летниот распуст кога децата немаат структура, рутина и организирани активности.
„Летниот распуст, иако природно се доживува како пауза од образовниот ритам, може да има негативно влијание врз децата – особено ако немаат воспоставена дневна рутина и смислени активности. Намалениот број на социјални интеракции, долгиот престој дома и недостатокот од ментална стимулација често водат до нарушување на биоритамот, раздразливост, анксиозност и регресија – особено кај децата со специфични потреби или ранливости. Во пракса, гледаме и пореметувања во спиењето, тешкотии при повторна адаптација на есен, па дури и однесувања кои бараат дополнителна стручна поддршка,“ вели Димова.

Според неа, рутината е еден од клучните психолошки фактори за стабилност кај децата, бидејќи создава чувство на безбедност и предвидливост.
„Неопходно е летото да не се сведе на период на стагнација, туку да биде време на игра, дружење и развој. Но, се поставува важно прашање: што правиме со оние родители кои немаат финансиски можности да обезбедат дневен престој или структурирана грижа за своите деца, а немаат на располагање баба, дедо или друг вид семејна помош? Тие родители се оставени сами, што создава сериозен стрес и за нив и за нивните деца.“
Од „Неуроклиник“, како што објаснува Димова, веќе втора година по ред го реализираат програмот „Поддржи и ти“, со секојдневни работилници за деца со посебни потреби од 07:00 до 13:00 часот.
„Нашата цел е овие деца да бидат згрижени, активни и да добијат соодветна стимулација и поддршка во текот на летото. Свесни сме дека многу родители не можат да си дозволат ваков тип на услуга, па за таа цел, преку заеднички иницијативи со родители, донатори и институции, обезбедивме средства за да можеме да понудиме помош таму каде што е најпотребна. Горда сум што можеме да кажеме дека сме дел од решение, а не дел од проблемот.“
На крај, таа упатува апел до институциите:
„Ги охрабрувам сите локални самоуправи, општини и државни институции да преземат конкретни чекори и да создадат систем каде што секое дете ќе има пристап до безбедна и едукативна средина во текот на летото – без разлика на тоа од каде доаѓа или какви се можностите на неговото семејство.“
Иновативно решение, но ограничено…
И покрај примерите како „Неуроклиник“ и неколкуте центри за дневен престој, овие решенија се ограничени и нерешаваат долгорочно институционалниот јаз. Летниот период сепак останува време кога голем дел од семејствата се препуштени на случајности и приврзани решенија.

Редакцијата на Трн се обрати до Министерството за труд и социјална политика, од каде добивме појаснување дека:
- Градинките, според член 57 од Законот за заштита на децата, имаат можност да згрижуваат и деца до 10 години, но само доколку располагаат со капацитет и соодветна дозвола.
- Запишувањето на деца во градинките се врши врз основа на слободни места и приоритетни критериуми, а постапката се спроведува преку комисија одредена од управниот одбор и локалната самоуправа.
- Министерството укажува дека основните училишта се тие што треба да преземат улога во организирање дневен престој и летни активности, согласно Законот за основно образование.
- Финансирањето на градинките се врши преку блок дотации до општините, кои се и нивни основачи, и се дополнува со партиципација од страна на родителите.
Понатаму, од Министерството додаваат:
„Имајќи го предвид фактот дека со Законот за заштита на децата се нуди можност градинките да згрижуваат деца до 10-годишна возраст, за децата кои се вклучени во основното образование сепак се смета дека надлежноста за дневен престој и активности по завршување на наставата припаѓа на основните училишта, согласно Законот за основно образование.“
„Затоа, можеби треба да се размисли и на ниво на Министерството за образование, да се воспостави модел за организиран дневен престој и активности и за време на летниот распуст.“
Овој модел би требало да ги вклучува сите деца на возраст од над 6 години.
Овој став, кој јасно го префрла фокусот на образовните институции, уште еднаш го потенцира недостатокот на системска, меѓуресорска стратегија.
Но, реалноста на теренот покажува дека и покрај овие законски можности, организирана грижа речиси и да не постои.

Карпош: Ниту една градинка не згрижува деца над 6 години
Се обративме до Општина Карпош со прашање дали некоја од градинките на нејзината територија обезбедува дневна грижа за деца од 6 до 10 години во текот на летниот распуст.
Одговорот што го добивме е негативен: ниту една градинка во Општина Карпош не згрижува деца од оваа возрасна категорија. А за тие над 10 години не постои пак никаков план и поддршка дури ни на хартија.
Причината, како што ни беше објаснето, е недостигот од кадар и ресурси, дури и за редовно запишаните деца во самите градинки. Дополнително, вработувањата во градинките се административно стопирани, што создава уште поголем притисок врз постојниот кадар и онеспособува какво било проширување на капацитетите – дури и привремено или сезонски.
Оваа состојба укажува на системски пропуст: наместо да обезбеди структурирана грижа за најмладите ученици за време на лето, државата го префрла товарот на родителите. Дел од нив се принудени да ги остават децата самички дома, кај роднини, соседи или да се снаоѓаат по непредвидливи решенија, што претставува реален ризик и психо-социјален притисок, како за децата така и за нивните семејства.
Ова дополнително го нагласува потребното итно прашање:
Дали државата има намера да воведе системска грижа за децата над 6 години за време на летниот распуст и да го отстрани ваквиот јаз во институционалната поддршка?
Летниот распуст треба да биде време на раст и учење, не само на пауза од училиште. Институционалната негрижа создава реален јаз – меѓу оние кои можат да обезбедат структурирани активности и оние кои не можат. Решение не постои без јасна државна стратегија и поддршка за деца, заедно со активна улога на општините, училиштата и граѓанскиот сектор.
Доколку државата не преземе конкретни чекори, многу родители ќе бидат оставени сами, а децата – испуштени од системот токму кога им е најпотребно.