Од содржините на порталите и социјалните мрежи кои континуирано се споделуваат – од преплашени, испрашувани деца, до непознати униформирани жени, облечени во воена или медицинска униформа – забележуваме вознемирени лица што дишат нерамномерно, дишење во ритам на беспомошност и страв. Такво дишење, како кога одамна немаш имал добар сон поради несигурност.
Од ваквите слики и сведоштва се раѓа прашањето:
На колку фронтови се води една војна?
Не се мисли на тоа на колку места има оган, туку на колку полиња, аспекти и во колку улоги се одигрува една војна. Кога се разговара за бројки не смееме фокусот да го држиме само на тоа колку војници се испратени на фронтот каде што директно се користи оружје. Војната се води со глад, сексуална злоупотреба, раѓање на деца во лоши услови, жед за вода, премрзнување, инфекции, ампутации…
Според проценки на UN Women базирани на методологија од The Lancet објавени во „Invisible No More“ , повеќе од 28.000 жени и девојчиња се убиени во Газа од почетокот на војната. Министерството за здравство на Газа веројатно има потценето бројката на смртни случаи за 41% поради колапс на здравствениот и информацискиот систем.
На седницата на советот за безбедност која се одржа на 22 мај 2025 година не беа истакнати само бројките кои укажуваат на тоа колкава е смртноста на жените за време на воените конфликти, туку и за целокупниот третман во сите земји во кои се војува.
Како што истакна Сима Бахус, заменик-генерален секретар на ОН и извршна директорка на UN Women, на седницата: „Во премногу конфликти, телата на жените стануваат боишта — преку сексуално насилство, но и преку намерното ускратување на репродуктивните права и здравствени услуги. Шеесет и еден процент од сите смртни случаи поврзани со бременост се случуваат во само 35 земји погодени од конфликти. Во изминатата година, сведочевме на бомбардирани родилишта, блокирани медицински залихи и масовни кратења на финансии.“
Со што се укажува на тоа дека војните како и вообичаено не се водат на вистинските фронтови туку и меѓу цивилите, особено кога се работи за условите во кои се наоѓаат и можностите за живот кои ги имаат.
Во текот на последните 19 месеци, отсуствуваат полноправни родови податоци за убиените и повредените, што ги прави жените и девојчињата статистички невидливи. Над 116.000 повредени лица се регистрирани – без податок дали се мажи или жени. Болестите, гладот, и инфекциите – кои најмногу ги погодуваат ранливите категории – не се следат по пол.
Најзагрижувачки е фактот што гладот станува и новото лице на смртта во завојуваните територии. Па така во написот на The Lancet, „Gaza has been failed by silence and impunity“ истакнато е дек Газа е на работ на глад: 67% од дневните калории се недостапни. Половина милион луѓе се во ризик од буквално умирање од глад, според последната проценка. Системите за храна, риболов и земјоделство се уништени. Ниту 70% од хуманитарната помош не може да стигне на потребните места.
Воениот конфликт кој се уште трае и носи разорни дејствија денес, ќе остави и длабоки последици во иднина, согласно, UNRWA & The Lancet, Секој ден во просек се убиваат 35 деца. Најмалку 18.000 деца се убиени од почетокот на нападите. Газа сега има најголем број деца-ампутирци во современата историја. Многумина умираат од малнутриција, а оние што преживуваат – носат доживотни трауми.
Согласно соопштението за јавност на Комитетот за правата на детето при Обединетите нации, објавено на 21 мај 2025 година на официјалната веб-страница на Канцеларијата за човекови права на ОН (OHCHR), се истакнува:
„Повеќе од единаесет недели по попречувањето на хуманитарниот пристап, кризата со безбедноста на храна се влошува со забрзано темпо, до таа мера што повеќе од 50 деца веќе починаа од глад, а многу други се на раб на смрт. Доколку блокадата продолжи, ќе починат уште деца, а до 71.000 деца под петгодишна возраст би можеле да страдаат од акутна неухранетост во текот на следната година.“
Иако во бројките изразени во јавност за тоа колку загинати има за време на војна фокусот е на оние кои имаат загинато од директни воени напади, не можеме да изоставиме дека жртви на војна се и лицата кои прегладнуваат, се злоупотребуваат на било каков начин и немаат соодветна лекарска грижа.
Остануваат прашањата до кога ќе траат воените конфликти и дали се зема во предвид колку долго ќе влијаат како последици сите акти кои се извршуваат за време на војна.