Жените работат неплатено три пати повеќе од мажите

Во Македонија,жените посветуваат 15,4% од своето време дневно на неплатена грижа, наспроти само 5,1% кај мажите (UN Women, 2024). Истражувањето “Men in Care – Caring Masculinities in North Macedonia” покажува дека жените извршуваат 72,5% од вкупниот неплатен труд, што ги става во позиција на постојан товар на грижа и ограничен пристап до платен пазарен труд.
Photo: UNDP - North Macedonia

Во светот денес, жените извршуваат над 76% од вкупниот неплатен труд, покажуваат податоците на Oxfam и UN Women. Тоа вклучува грижа за домаќинството, нега на деца, стари и болни лица, како и други видови домашна поддршка кои, иако се неопходни за функционирање на општеството, остануваат без финансиска вредност и институционално признавање.

Според International Labour Organization (ILO), 708 милиони жени низ светот се исклучени од пазарот на труд токму поради неплатената грижа. Жените во просек трошат 2,8 часа повеќе дневно на вакви активности од мажите — разлика што директно ја одредува нивната економска независност, плата и можности за вработување.

Во Македонија, сликата е слична, но уште понагласена: жените посветуваат 15,4% од своето време дневно на неплатена грижа, наспроти само 5,1% кај мажите (UN Women, 2024). Истражувањето “Men in Care – Caring Masculinities in North Macedonia” покажува дека жените извршуваат 72,5% од вкупниот неплатен труд, што ги става во позиција на постојан товар на грижа и ограничен пристап до платен пазарен труд.

Според истражувањето на UN Development Programme во Македонија, жените во 2024 година оствариле просечно 12 % помала плата од мажите, а кога се земат предвид обрасци како образование и работно искуство, разликата може да достигне и до 28 %.

Овој родов дисбаланс создава тивка економска криза: милиони жени секојдневно работат без плата, без статус и без заштита. Неплатениот труд — иако е невидлив во економските статистики — ја одржува социјалната стабилност, но истовремено ја продлабочува родовата нееднаквост и го намалува економскиот потенцијал на целото општество.

Родната нерамноправност е длабоко вкоренета во овие динамики: жените и девојките носат непропорционално голем дел од овој труд, што има драматични последици за нивниот економски статус, учество на пазарот на труд и општа благосостојба.

Глобална перспектива: бројки што ја откриваат нееднаквоста

Додека бројките ја покажуваат големината на проблемот, подеталната анализа на меѓународните институции открива дека неплатениот труд е структурен економски феномен, а не индивидуален избор.

Најновата студија на International Labour Organization (ILO) покажува дека 708 милиони жени низ светот се надвор од пазарот на труд поради неплатена грижа, а во земјите со низок и среден приход, разликата меѓу половите во оваа категорија е двојно поголема отколку во развиените држави.

Според податоците на UN Women, жените посветуваат во просек околу 21% од своето време дневно на активности за нега и грижа, додека мажите само 8%, што значи дека во просек жените вложуваат 2,8 пати повеќе време во овој труд. Во одредени региони на Јужна Азија и Северна Африка, тој однос достигнува и 5 спрема 1.

Истражувањата предупредуваат дека неплатениот труд на жените и девојките создава „невидлива економија“ која придонесува со трилиони долари во глобалната вредност, но не се мери во БДП. Токму оваа невидливост ја прави една од најголемите пречки за родова еднаквост и економска автономија. Според OECD, разликата во неплатениот труд е „централна карика“ што објаснува зошто жените заработуваат помалку, поретко се во лидерски позиции и имаат повисок ризик од сиромаштија во старост.

Сумирано, неплатениот труд не е само прашање на време и домаќинство — тоа е прашање на економска правда, бидејќи милиони жени низ светот секојдневно обезбедуваат услуга без која пазарот не би функционирал, но која сè уште нема цена ниту признавање.

Политички и правни рамки: кога законите не се доволни

Меѓународно, повеќе инструменти влијаат на ова прашање

Пред се CEDAW (Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација кон жените) поттикнува признавање на неплатената грижа како дел од економскиот и социјален живот. Агендата за родова еднаквост и делот „Жени, мир и безбедност“ ги вклучуваат сферите на грижа и невидениот домашен труд како дел од економската рамка. Целта 5 од SDG (Целите за одржлив развој) го нагласува правото на економско учество и вреднување на невидениот труд.

Во Северна Македонија, правната рамка има положени чекори: според извештајот „Women, Business and the Law 2024“ на World Bank, легислативата во голема мера го гарантира работничкото право и родовата еднаквост, но има слабости во поддршката за грижа и семејна политика.

Законот предвидува мајчинство, но речиси никаква очинска заштита, што дополнително ја нагласува нерамнотежата во распределбата на грижата.

Македонија: статистики зад секојдневната грижа

Иако бројките го потврдуваат огромниот товар што го носат жените, националната регулатива сè уште не го препознава неплатениот труд како економска категорија. Според Законот за еднакви можности на жените и мажите и Националната стратегија за родова еднаквост 2022–2027, државата има обврска да создава услови за усогласување на семејниот и професионалниот живот и да развива услуги за грижа, но недостига механизам што би ја вреднувал домашната и негувателската работа. Законот за социјална заштита (2019) прави мал чекор напред со признавање на неформалните негуватели, но без системска парична поддршка. Северна Македонија, како потписничка на CEDAW и Целта 5 од Агендата за одржлив развој, има меѓународна обврска да го признае и статистички да го мери неплатениот труд — нешто што сè уште не е реализирано во пракса.

Овој наследен обем на грижа директно влијае на економијата. Вработеноста на жените е далеку пониска отколку на мажите, а стапките на невработеност и неучество се тесно поврзани со времето посветено на домашни и семејни обврски. Податоците покажуваат дека пазарот на труд и структурата на економијата не ги охрабруваат ниту поддржуваат жените да го споделат овој труд, што значи дека тој останува непризнат, неплатен и често неизвесен.

Време е невидливиот труд да стане видлив

Неплатениот труд, покрај тоа што е фундаментален за функционирањето на семејствата и општествата, претставува значаен економски и социјален проблем: жените го прават непропорционално и плаќаат висока цена — намалена економска можност, пониски плати и ограничена перспектива за староста.

ВоМакедонија, како и глобално, одговорот не е само економски, туку и културен: потребна е системска промена во начинот на кој го вреднуваме трудот, го поделуваме и го поддржуваме.

Потребни се политики кои ќе го признаат, редуцираат и препорат распределбата на неплатениот труд — преку инвестиции во грижа, инфраструктура, службена независност и рамноправно учество на мажите.

Доколку тоа не се направи, половината човештво ќе остане надвор од економскиот потенцијал, а со тоа ќе страда и целото општество.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни