Редовното вдишување на загаден воздух може со текот на времето да го зголеми ризикот од деменција, откри нова голема студија. Анализата, објавена во списанието The Lancet Planetary Health, е најголемата досега што ја потврдува поврзаноста меѓу аерозагадувањето и здравјето на мозокот, иако сè уште постојат прашања за тоа кој е точниот механизам и во кој период од животот ризикот е најголем.
Околу 57 милиони луѓе низ светот имаат деменција, состојба што се јавува кога се губат или оштетуваат врските меѓу нервните клетки во мозокот. Научниците имаат идентификувано неколку фактори на ризик, вклучувајќи и аерозагадување, но досега не знаеја кои загадувачи се најопасни.
За новата анализа, истражувачи од Универзитетот во Кембриџ, Велика Британија, разгледале податоци од 51 извештај што опфатиле речиси 30 милиони луѓе, претежно од високоразвиени земји.
Тие нашле силни врски помеѓу ризикот од деменција и изложеноста на фини честички (PM2.5) кои потекнуваат од автомобилски издувни гасови, термоелектрани, прашина, како и азотен диоксид од согорување гориво и саѓи од автомобилски издуви и горење дрва.
Овие загадувачи покажуваат посилна поврзаност со васкуларната деменција (која е предизвикана од намален проток на крв во мозокот), отколку со Алцхајмерова болест – најчестиот облик на деменција – но разликите можеби не се значајни.
„Аерозагадувањето не е само еколошки проблем – тоа е сериозна и растечка закана за здравјето на мозокот“, изјави д-р Исолде Редфорд, виша политичка менаџерка во истражувачката организација Alzheimer’s Research UK.
Научниците сè уште не знаат дали аерозагадувањето директно предизвикува деменција или кои биолошки процеси се вклучени. Но, тие веруваат дека загадувањето може да предизвика воспаление и оксидативен стрес – што може да ги оштети клетките и ДНК – во мозокот, а и двете се поврзани со појава и развој на деменција.
„Телото нема ефикасна заштита од ултрафините честички кои ги создаваат автомобилите надвор, или печките внатре во домовите“, изјави професорката Барбара Махер од Универзитетот во Ланкастер, која не била дел од студијата.
Ограничувања на студијата
Анализата има одредени ограничувања. Тешко е точно да се следи на кои загадувачи е изложена одредена личност со текот на времето, како тие загадувачи меѓусебно делуваат и како тоа влијае на човечкото здравје.
Студијата, како и многу други, ја проценувала изложеноста на загаден воздух врз основа на адресата на живеење. Исто така, не е јасно во кој период од животот изложеноста има најголемо влијание – можно е тоа да е период од години или дури децении.
„Потребен ни е многу подобар пристап кон ваквите истражувања“, изјави д-р Том Рус, специјалист за деменција и старечка психијатрија од Универзитетот во Единбург, кој не учествувал во студијата.
„Оваа студија подобро од претходните одговара на прашањето дали изложеноста на аерозагадување е поврзана со деменција, но сè уште ни требаат појасни истражувања за да разбереме како и зошто загадувањето влијае на мозокот“, додаде Рус.
Повик за акција
И покрај неизвесностите, научниците и здруженијата за деменција повикаа владите да воведат построги прописи за квалитетот на воздухот и да преземат чекори за намалување на изложеноста на населението.
„Потребно е да се направи многу повеќе за да се справиме со оваа невидлива закана“, изјави Редфорд.