Во горните слоеви на Земјината атмосфера, млазни струи кои се движат со неверојатна брзина, создаваат ветрови со брзина поголема од 442 км/ч. Сепак, тие не се најсилните ветрови во нашиот Сончев систем. На Нептун тие достигнуваат брзина од околу 2000 км/ч, а на планетата наречена WASP-127b и многу поголема брзина.
Астрономите откриле ветрови на оваа гасовита планета, која се наоѓа во нашата галаксија, Млечниот Пат, и е оддалечена околу 520 светлосни години од Земјата, кои дуваат со брзина од околу 33.000 километри на час.
Овие млазни ветрови се движат со брзина од девет километри во секунда, што е скоро шест пати побрзо од брзината со која се врти самата планета, објавила Европската вселенска агенција.
WASP-127b орбитира околу ѕвезда слична на нашето Сонце. Светлосна година претставува растојание кое светлината го преминува во вакуум за една година – 9.5 трилиони километри. Суперсоничните млазни ветрови кои кружат околу WASP-127b на неговиот екватор се најбрзиот ветер некогаш измерен на некоја планета.
WASP-127b е тип на егзопланета која ја нарекуваме „топол Јупитер“. Тоа е гасовит џин кој орбитира многу блиску до својата матична ѕвезда.
Нејзиниот пречник е околу 30 проценти поголем од Јупитеровиот, најголемата планета во Сончевиот систем. Сепак, нејзината маса е само 16 проценти од масата на Јупитер. И требаат четири дена да ја заврши орбитата околу својата ѕвезда.
Температурата на нејзината атмосфера изнесува околу 1100 степени Целзиусови. Поларните региони се нешто пониски од остатокот на планетата. Како и Јупитер, WASP-127b се состои главно од водород и хелиум.